Мапа која покажува каде треба да живеете според вашиот карактер

Што доколку светската мапа се прекрои според карактерите на луѓето? Ова прашање си го поставиле во маркетинг компанијата JWT и направиле „Карактерен атлас“, мапа на светот организирана според доминантните карактерни особини на жителите на секоја држава според два параметри – како на државата гледаат странците, а како самите локални жители.

За да се направи овој атлас, од компанијата направиле анкети во секоја од 27-те држави кои учествувале во истражувањето и изработиле две мапи. Стереотипна мапа – според перцепциите на странците и интроспективна мапа – според перцепциите на локалните жители за нивната држава.

На интернет-страната, секој може да направи краток тест на сопствените карактерни особини. Според резултатите ќе биде сместен во некоја од овие 27-држави според стереотипите кои луѓето ги имаат за неговите карактерни црти.

Според добиените податоци, државите се групираат според сличните карактерни особини на жителите, во посебни континенти. Па така, на пример, Австралија, Канада, Финска и Франција, кои генерално странците ги гледаат како балансирани и демократски, стануваат континент наречен „Балансија“. Наспроти тоа, Египет, Саудиска Арабија и Пакистан, кои се најпрепознатливи по посветеноста на религијата, па тие се групирани во континентот наречен „Спиританија“.

Германија, Хонг Конг и Јапонија го сочинуваат континентот „Униформани“, бидејќи се перципирани како работливи и дисциплинирани. Како спротивност на нив е „Фунландија“, составена од Бразил, Италија и Шпанија. Постои и континент „Чилвил“, во кој се наоѓаат Мексико и Тајланд, две држави кои се препознатливи по опуштеност и забава.

Русија, Велика Британија и САД најмногу се поврзуваат од другите со арогантен карактер, па така тие на мапата на JWT се наречени „Смугвил“. Кина е единствената држава-континент, наречен „Генијустан“, бидејќи земјата најчесто се поврзува со интелигенција.

Останатите држави – Аргентина, Колумбија, Чешка, Индија, Индонезија, Сингапур, Јужна Африка и Јужна Кореја немаат премногу различни карактерни особини и го сочинуваат континентот Ванилиа.

Интересниот факт, сепак открива дека глобалната перцепција ретко се совпаѓа со перцепцијата која самите жители ја имаат за својата држава. На интроспективната мапа Кина и Јужна Кореја се гледаат како работливи на континентот „Дилиџенс“. САД се гледаат како приврзаници на технологијата, сместени на континентот „Технистан“ . Русија, Чешка, Аргентина и Јужна Африка се на континентот „Шеманија“, а Франција, Италија и Велика Британија на „Културус“.