Европската Комисија промовираше „младинска википедија“, онлајн енциклопедија од областа на националните младински политики. Платформата е наречена „Youth Wiki“ и претставува база на податоци за националните структури, политики и акции наменети за младите.
Енциклопедијата покрива осум главни полиња на акција, идентификувани во младинската стратегија на Европската Унија 2010-2018: образование и обука, вработување и претприемништво, здравје и благосостојба, учество, волонтирање, социјална инклузија, младите и светот и креативност и култура.
Република Македонија е меѓу 27-те држави кои учествуваат во „Youth Wiki“, иако за разлика од другите држави, делот од македонската страница ги нема податоците за голем дел од полињата.
Целта на енциклопедијата е да помогне на Европската Комисија и земјите членки во процесот на носење одлуки, преку обезбедување на информации за реформите и иницијативите на државите кои се вклучени во базата.
Информациите се обезбедени и ќе бидат дополнувани на годишно ниво од националните кореспонденти, кои се делегирани од владите на секоја земја. Како што наведуваат од Европската Комисија, информациите се квалитативни и овозможуваат анализа на реформите и трендовите на насоките на политиките на државите учеснички.