Дигитален труд – добра тезга или нова формa на експлоатација? – дискусија во „Дуња“

Amazon Mechanical Turk, Freelancer, се само дел од платформите на кои дигиталните работници заработуваат. Таквата размена на добра и услуги има и позитивни и негативни страни.

Токму за овие страни ќе се разговара на денешната дискусија во просториите на социјалниот центар „Дуња“, со почеток од 18:30 часот.

Кој е предизвикот на дигиталните работници? Кои се проблемите со кои се соочуваат? Како да се задржат и унапредат или уназадат нивните права? Дали е можна солидаризација помеѓу дигиталните работници? Ова се дел од прашањата кои ќе се разгледуваат на оваа отворената дискусија.

„Од една страна, дел од младата популација својот извор на заработувачка го наоѓа токму во оваа економија. Од друга страна пак, истражувањата покажуваат дека односот во дигиталната економија станува се’ поекспоатирачки и правата на работниците на дигиталните платформи постојано се намалуваат. Дигиталните работници се во постојана потрага по нова тезга, и тоа е една од нивните дефинирачки карактеристики. И не само тоа, најчесто во дигиталните платформи за работа недостига и интерперсоналниот однос кој е својствен за класичната економија. За разлика од класичната индустрија каде работниците претежно беа вработени со стабилни и долгорочни договори кои им обезбедуваа социјална сигурност, работниците во дигиталната економија работат на привремени и неформални договори кои не им ја обезбедуваат сигурноста која ја уживаа претходните генерација. Така, наместо дигиталниот работник да биде отпуштен, тој/таа може да биде само деактивиран“, се вели во описот на настанот.