Традиционален новогодишен школски концерт на музичко студио „Узун“, во соработка со Црвен крст на град Скопје, ќе се одржи денеска, со почеток од 15 часот, во салата на Домот на хуманитарни организации „Даре Џамбаз“.
Годинава, концертот ќе биде посветен на семејство од село Стајковци кое има дете со хендикеп за кое се потребни парични средства за операција. По тој повод „Узун“ ги поканува сите хумани луѓе кои се во можност да помогнат, да присуствуваат на овој концерт.
Во програмата ќе учествуваат ученици од школата за гитара „Узун“, а како почесни гости ќе настапат членовите на групата „Уни бенд“ од Валандово кои на „Еврофест 2017“ освоија Гран при награда за композицијата насловена „За Јанко“, пејачот Горан Симевски, а водителка ќе биде Катерина Стојановска Десковска.