Бесплатна проекција на документарниот филм „Збогум Касини, здраво Сатурн!“

Циклусот предавања на Скопското астрономско друштво за оваа година ќе заврши со бесплатна проекција на документарниот филм во продукција на BBC „Збогум Касини, здраво Сатурн!“. Потоа, следи дискусија за темите кои беа покриени на претходните предавања, но и за било што друго поврзано со астрономијата.

„2017-та година во астрономијата ќе биде запомнета најмногу по крајот на Касини – завршувањето на мисијата на Сатурн која имавме можност детално да ја следиме во изминатите 13 години, додека ни испраќаше многу важни податоци и прекрасни фотографии од џиновската планета, нејзините прстени и бројните месечини. Документарниот филм нè запознава со главните научници кои долги години посветено работеа на овој проект, од кој добивме огромно богатство од сознанија и кој влезе во историјата како една од најзначајните мисии во Сончевиот Систем“, стои во поканата за настанот.

Проекцијата ќе започне во 20 часот во амфитеатарот при Факултетот за електротехника и информациски технологии.

Влезот за настанот е слободен.