Во големата сала на Македонската филхармонија, во недела ( 3 декември), ќе гостува реномираниот Црногорски симфониски оркестар. Диригент е Русинот Григориј Краско, со зад себе импресивна кариера.
Краско бил концерт-мајстор во оркестарот на славниот Бољшој театар, потоа станува концерт-мајстор на Московската филхармонија и водач на камерниот оркестар „Московски филхармоничари“. Како диригент и солист на овие ансамбли настапувал на престижни сцени во светот. Од 1993 до 1999 година, бил првиот виолинист и менаџер на квартетот „Солисти на Московската филхармонија“, со кој настапувал во Русија и во европските земји. Соработувал со најзначајните диригенти и со многу истакнати солисти. Од 2000 до 2008 година бил професор по виолина на академијата „Гнесина“ во Москва, а потоа заминал во Црна Гора каде што во 2008 станал концертмајстор на Црногорскиот симфониски оркестар и водач на ансамблот „Црногорски гудачи“.
Пред македонската публика, оркестарот ќе ја изведе импресивната свита „Слики од изложбата“ од Модест Петрович Мусоргски, како и „Танци од Галанта“ од Золтан Кодај.
Солист на концертот е истакнатиот гитарист Горан Кривокапиќ кој ќе го изведе популарниот Концерт за гитара и оркестар „Аранхуез“ од Хоакин Родриго. Концертот е најавен во 20 часот.
Црногорскиот симфониски оркестар прв пат настапил на 14 декември во 2007 година во Цетиње и набргу станал важна алка на музичкиот живот во Црна Гора. На повеќе од 200 концерти во светот (Италија, БиХ, Србија, Хрватска, Русија, Турција, Албанија, Франција) со него, меѓу другите, настапиле видни солистички имиња, како што се: Монсерат Кабалие, Миша Мајски, Иво Погорелиќ, Иља Гринголц, Роман Симовиц, Милош Карадаглиќ, Симон Трпчески, Стефан Миленковиќ…