Се менува трендот во туризмот – од пасивно лежење на плажа во барање единствено искуство, сосема ново, уникатно доживување. Веќе не се толку атрактивни големите држави или градови, туку земјите кои брзо се прилагодуваат на пазарот. Таков пример е Естонија, која, иако микро територија, привлече милиони туристи и направи чудо.
Во кој правец се движи Македонија, може ли да одговори на предизвиците, каде е на светската мапа, колку го користи потенцијалот и дали ќе го менува курсот?
Познавачите велат дека имаме огромни можности, посебно за развој на алтернативниот туризам, но во моментов каскаме зад останатите балкански земји. Се уште се занимаваме со елементарните проблеми: лоша инфраструктура, ѓубре на сите страни, дискутабилна категоризација на расположливите капацитети,… Немаме доволно квалификувани туристички водичи, пристојни тоалети по патиштата, објекти (особено за одмор на транзитните гости), ниту елитен хотел од некој луксузен ланец како Фор сизн, Риц, Интерконтинентал, Шератон, Кемпински, Хилтон…
Според соговорниците во анализата на МИА, зацртаната политика да се промовираме и претставуваме на саемите, не е доволна. Одиме по некој терк од пред 20 години. Сме таргетирале неколку држави каде што се појавуваме со некој мал штанд, сиромашен печатен материјал и отприлика се сведуваме на тоа, додека земјите со развиен туризам работат поинаку. Продаваат приказна, знаат од ништо да направат нешто. Ние, и тоа што го имаме не знаеме убаво да го спакуваме и да го „извеземе“, на некои места дури и го уништуваме.
Ќе мораме многу подобро да се организираме, да делуваме стратешки и маркетиншки, да дефинираме нов пристап, да ги донесеме тука светските водечки агенции и да ги запознаеме со се што располагаме и нудиме.
Наспроти ваквите сугестии од туристичката фела, надлежните најавуваат ребрендирање на Македонија како туристичка дестинација од 2018 година.
Но, што и да (одлучиме да) правиме, порачуваат туристичките работници, најпрво мора да го исчистиме ѓубрето.
„Македонија има огромен потенцијал, особено за алтернативен туризам. Уште да знаеме како да го искористиме“, вели нашиот прв соговорник Славе Сирачевски кој преку 40 години работи во областа на туризмот. Сопственик е на туристичката агенција „Аурора“ и потпретседател на Здружението за угостителство и туризам при Стопанската комора на Македонија.
Ако се согласиме, нагласува Сирачевки, дека туризмот базира на Охрид и Скопје, слободно можеме да кажеме дека немаме развиено туризам. Лани бележевме околу 250 милиони евра инкам, а во состојба сме да достигнеме 700 милиони. Словенија веќе надмина милијарда евра, Србија околу милијарда, Бугарија над три милијарди,…
„Државата мора да вложува во руралните средини особено ако се земе предвид фактот дека можеме да развиваме најмалку 18 видови алтернативен туризам: планински, екстремен, спортски, медицински, конгресен, саемски, бањски, културен, религиски, ловен, риболовен, речен, археолошки, фолклорен, пештерски (спелеолошки), транзитен, вински, бизнис туризам,…. Агенциите треба да размислуваат и да се специјализираат во оваа насока, а не да бидат експерти за се’“, потенцира Сирачевски.
Ние немаме, ниту можеме да имаме масовен туризам зашто немаме море.
„Тој вид туризам веќе и се избегнува. Денес, ако туристите не видат најмалку пет-шест други региони покрај основната дестинација што ја одбрале, не сакаат воопшто да одат на патување. Подготвени се од десет дена, осум да поминат во екскурзии, а на да лежат на плажа и да се сончаат. Но, сами не можеме да се бориме. Ќе направиме објекти, но патишта, пристап, осветлување, патеки за шетање, за тоа треба државата да се погрижи. Не треба да се вложува само во Скопје. Бараме отворено да се помогне во руралниот туризам зашто луѓето од надвор сакаат тоа да го видат и тој вид туризам ќе доминира во перспектива. Ќе дојдат туристите во Скопје за некоја работа, по бизнис, ќе престојуваат тука, но ќе бараат од деловните партнери некаде да го однесат, а инфраструктурата ни е страшно слаба“, подвлекува Сирачевски.
Во перспектива, треба да се фокусираме на овие видови туризам, тие се се поактуелни во светот. Имаме над 20 планински врвови, а многу малку ги нудиме, дури воопшто.
„Имаме ли пакет за искачување на Кораб? Не. А Хрватска и Словенија ги „напаѓаат“ светските агенции кои го работат овој вид туризам. Непал живее од Хималаите. Или, на пример, спортскиот туризам – таргет може да бидат подготовки на најразлични екипи, не само фудбалски, туку и ракомет, кајак на мирни или диви води. Нашите агенции тука воопшто не се активни, а услови имаме,…Радика, Вардар, Матка. Исто така, медицинскиот туризам кој во светот е многу развиен, а ние не го „користиме“ иако, повторно, имаме многу можности. Грците доаѓаат тука да прават заби, Гевгелија од тоа живее. Зошто да не го направиме тоа малку поотрганизирано, да носиме цели групи?“, истакнува Сирачевски.
Во светски рамки е развиен т.н. игри на среќа туризам (Лас Вегас, Лос Анџелес,…), сегмент во кој ние, ја имаме Гевгелија со казината близу граница.
„И зимскиот туризам кај нас (скијање, сноуборд) има оргомни можности, но, за жал, во нашите три клучни центри последните 20 – 30 години не е изграден речиси ниту еден хотел. На пример, во Крушево освен „Монтана“ нема друг, да не зборуваме за Пониква. Колку е убав тој центар, а немаме хотели. Исто и Пелистер. Остана „Молика“, со трите ѕвездички“, продолжи Сирачевски.
Во однос на бањскиот туризам, од шест – седум лекови извори, работи само Дебарска бања и едно хотелче со три ѕвездички во Негорски бањи. – Толку. Другите се во руина, Штипска, Кежовица е уништена, Катлановска работи скромно, Кумановска веќе воопшто не постои, Исти бања, Кочани…“, укажува сопственикот на „Аурора“.
Не е искористен ниту религискиот туризам, а агенции од Европа веќе почнуваат да се интересираат за овој аспект на Македонија. – Во Бугарија религискиот туризам е многу развиен, Рилскиот манастир како дестинација е многу продаван, а сведоци сме и дека на социјалните мрежи фрчат понуди за манастирот Острог во Црна Гора, дополни Сирачевски, според кој нешто поразвиен е можеби културниот туризам, каде што пракитчно се нудат културно-историските споменици, вклучувајќи ги црквите (од 9, 10, 11, 12 век), манастирите. Тука, смета, е најголема, но е и доволна искористеноста.
Низ светот многу се практивкува и речениот туризам со се поактуелните рафтинзи (на Тара, Борнео, Маурициус), за што, повторно, земјава има потенцијал.
„Ја имаме Радика, но, тоа, никој не го работи. Може да се искористи и Вардар, не за рафтинг, ама за регата, авантура со чамци…“, предочи Сирачевски.
„И археолошкиот туризам е форма за привлекување одредени целни групи. – Порано имало многу барања од Австралија и САД волонтерски групи да учествуваат во истражувања на нашите локалитети. Интерес се уште постои, но и подготовеност да се вложи финансиски зашто тие на тој начин учат, ја совладуваат материјата. За тоа треба да размислиме во наредниот период зашто, сепак, се неопходни дозволи од државата“, објаснува Сирачевски.
Не е искористен ниту конгресниот туризам. „Слушаме дека Скопски саем е продаден, значи и тој вид туризам ќе умре. Конгресниот туризам, пак, во светот е многу развиен, а многу е и доходовен. Земјите се тепаат која побрзо да ги привлече светските стоматолози, лекари, фармацевти,… Кај нас, прво, нема соодветна конгресна сала иако лани се заговараше нешто да се направи. Видете ги Дубаи, Малезија, Сингапур…“ нагласи Сирачевски.
Државата не собра сили пештерите (Врело, Алилица) да ги стави во употреба за туристите. „Мора пештерите внатре да се уредат, да бидат сигурни, безбедни,… Одличен пример е Постојнска јама која прерасна во светска атракција. Има пробиено плус хали, проширена е од времето кога ја знаеме и се чека влез. Билетите за деца се 27 евра, за возрасните до 30, а има милиони посетители. Колку приход е тоа за државата само од влезниците, а каде се хотелите околу, храната, сувенирите“, истакна Сирачевски.
Се осврна и на рекреативниот туризам, земајќи го како пример Крушево каде, рече, полека се развива параглајдеризмот. Во Македонија има многу такви места кои овозможуваат и возење велосипеди, пешачки тури, јавање коњи, посета на бачила,…
Последните неколку години Македонија го развива фолклорниот туризам и така треба да продолжи. Транзитниот туризам, пак, е посебна приказна и можеби ги отвора најгорливите прашања.
„Транзитен туризам имаме, но не и доход од него. Гостите нема каде да застанат, каде да ручаат, каде да одат во тоалет, каде да преспијат. Во светот овој туризам е многу развиен и носи пари. За жал, во срцето на Европа сме, на поминување за Турција и Грција, но не користиме ништо. Државата на ова мора да посвети особено внимание, да издаде дозволи за изградба на ресторани и мотели покрај автопатите, барем на некоклку часа да успееме да ги задржиме туристите зашто тоа е чист влез на девизи“, потенцира Сирачевски.
Според него, најдоходовни се ловниот и риболовниот туризам. Македонија за ловен туризам има многу големи можности и тука, секако, не е на почеток.
„Јасен е атракција во светски рамки, можеби петти или шести позната по нашата автохтона дива коза чиј отстрел, согласно предвидената квота, е продаден три години однапред. Но, тоа не е доволно со оглед на капацитетот со кој располагаме. Основно е што немаме капацитети за сместување“, смета Сирачевски.
Тој е дециден дека Македонија ќе мора да изнајде сосема поинаков начин на носење туристи, најпрво преку промена на пристапот кон тур-операторите, а тоа, според него, треба да почне со промена на начинот на размислување.
„Ако тур-операторот не ја види земјата, нема да ја работи како понуда. Мора да направиме анализа кои тур-оператори би ги донеле во Македонија, државата да одвои средства и да организира настан на кој ќе им покаже што значиме ние, што имаме од капацитети, со кои убавини располагаме. Но, претходно, за да не се избрукаме, мора да го исчистиме ѓубрето. Појдете кај сакате низ Македонија, секаде ќе видите по една депонија или лименки, хартии покрај патот. Нема еден квадратен метар без ѓубре. Каде ќе ги однесеме тур-операторите? Тие се забележуваат, ќе речат, „катастрофа, како Сенегал е“, констатира Сирачевски.
Став на претседателот на Туристичко-угостителската комора при Сојузот на стопанските комори на Македонија Аркан Керим е дека по ерата на паметни телефони, во светот почнува ерата на паметен туризам.
„Важен сегмент за воспоставување паметни туристички дестинации се развиена ИКТ инфраструктура, како и паметни туристички услуги – „отворени податоци“ кои овозможуваат креирање нови иновативни услуги за туристите. Република Македонија треба да ги следи овие нови светски трендови, да ги согледа можностите за користење расположливи средства од достапни фондови за припрема на туристичкиот производ кој треба да биде иновативен и уникатен со цел привлекување туристи. Концептот на паметен туризам отвора и нов сегмен за економијата, каде и останати компании пред се од ИКТ секторот може да развиваат услуги и да ги пласираат“, вели Керим.
На овој начин, додава, туристите при посета на одредена дестинација би можеле хотелската картичка да ја користат и за саканите дестинации – посета на музеи, концерти, ресторани, кафе барови, јавен превоз и да ги покриваат сметките со одјавувањето од хотелот.
Дека туристите бараат нови, неистражени дестинации, потврдува и Нико Славниќ, директор и ко-сопственик на европскиот џебен туристички водич „In your pocket“ кој годинава во јуни излезе и за Скопје, вклучувајќи ги и Битола и Охрид.
„Туристите бараат дестинации кои се сигурни и со добри авионски врски. Тука Македонија добро напредува. Исто така, поради се почестите терористички напади од Париз до Лондон, овој дел од Европа е најсигурен. Македонија, Словенија, БиХ се дури и посигурни од Хрватска според можноста од тероризам“, смета Славниќ.
Туристите може да потрошат повеќе ако знаат каде и за што да ги дадат парите. Но, прво, вели Славниќ, треба да се привлечат, да дојдат, а потоа и да понесат убаво искуство.
„Словенија полека се приближува до таргетот – да оствари четири милијарди приход од туризмот. Но, голем е потенцијалот и на Македонија која освен бројот на туристи, може да ја зголеми и додадената вредност, туристите кои доаѓаат, да потрошат повеќе“, истакна директорот на неодамнешната промоција на водичот.
За Антоанела Петровиќ, соработник во „In your pocket“, Македонија можеби нема капацитет како мала држава да ги задржи туристите 15 дена, но секако може да им овозможи убав, фино набиен, краток викенд од кој ќе си заминат со позитивни впечатоци и со желба да ја раскажуваат приказната.
„Македонија е земја која има таков потенцијал и тоа е она кон кое треба да се движиме понатаму за да влеземе во земјите барани како туристички дестинации, за посета,… Многу градови во светот се можеби поатрактивни, поголеми, поразвиени, но мора да го земеме предвид фактот дека се менува трендот. Веќе не се толку барани големите светски метрополи, туку земјите кои не се во топ 10-те или 20 локации, каде може да се види и осознае нешто ново, да сретнат пријатни и топли луѓе. Се бараат места кои нудат забава, нови исксутва и авантури“, вели Петровиќ.
Актуелни состојби
Во Македонија засега „број еден“ се турските туристи. За тоа придонесуваат директните летови Скопје – Истанбул. Почнаа да се воведуваат и чартери од/до Анталија. Но, сепак, и натаму најатрактивни остануваат летните линии за Охрид или т.н. евтин туризам зашто пакет-аранжманите (посебно во Холандија) се продаваат речиси џабе. Се закупуваат охридските хотели за 20 до 30 евра полн пансион поради што туристите воопшто не трошат.
„Се работи за некој вид средна или пониска класа туристи кои помасовно доаѓаат. Во однос на категоријата, стари-млади, има секакви. Кога седумдневен аранжман чини 300-400 евра, може да си дозволи секој да дојде. Тие туристи вонпансионски не трошат. Охридските кафулиња и ресторанчиња се жалат дека не се пие ниту едно кафе, за разлика од другите туристи како бугарските, српските, словенечките кои се многу големи потрошувачи. Нарачуваат и по четири вина на јадење, но холандските водат многу сметка колку ќе потрошат. Сепак, позитивно е тоа што барем искористеноста на капацитетите е подолг период, не само два месеца, туку од први мај до крај на септември, пет до шест месеци“, вели Сирачевски.
Според Стопанската комора на Македонија, земјава во регионот, согласно остварениот девизен прилив, е некаде на дното, а растот на бројот туристи, пред се, на странските, е резултат во најголем дел на субвеницонирањето на тур-операторите кои успеваат да обезбедат чартер аранжмани.
„Податоците од статистиката покажуваат дека Македонија има потенцијал за развој на туризмот од аспект на угостителските капацитети бидејќи повеќе од две тритини од леглата се неискористени. Ако на тоа се додадат и природните поволности, земјата има можности да понуди повеќе. Но, изостанува квалитетна промоција на туризмот во државата со кој би се промовирале дестинации и активности кои може да привлечат различен тип туристи, ако се има предвид фактот дека и во светот се менува интересот на туристите за откривање нови дестинации, предизвици…“, велат од Комората.
Република Македонија располага со повеќе од 450 хотелски објекти и околу 17.000 легла. Бројот на активни деловни субјекти во дејноста заведени во Државниот завод за статистика како објекти за сместување и сервисни дејности со храна, е околу 4.500 компании со над 26.600 вработени. Според официјалните податоци, просечно туристите остануваат по помалку од три ноќи во Македонија.Нето-стапката на искористеност на леглата во хотелите и во слични капацитети на годишно ниво е 22,01 отсто. Девизниот прилив се движи на околу 250 милиони евра годишно. Учеството на туризмот во БДП е околу два процента.
Од Здружението на угостителството и туризмот при Стопанската комора информираат дека Македонија преку Агенцијата за промоција и подршка на туризмот има на располагање околу три до четири милиони евра годишно. Најголем дел од парите се користат за субвенционирање, а еден дел за промоција.
„Во таа насока континуирано и официјално укажуваме дека фокусот на подршката на државата треба да биде на нови алтернативни видови туризам, но промени треба да претрпи и промоцијата. Начинот на кој сега се прави промоцијата во која доминира саемско претставување на Макеоднија како туристичка дестинација на големите светски саеми не дава резултат. Отсуствува официјална информација каков е финансискиот ефект во туризмот од учеството на Македонија на саемите“, нагласуваат од Здружението.
Туристичките агенции и тур операторите укажуваат дека треба да се настапува селектирано на одредени саеми на кој фокусот ќе биде продажба на земјата како атрактивна дестинација со содржини кои нудат разни видови алтеранативен туризам.
Согласно укажувањата на компаниите, повеќето светски саеми каде Македонија се претставува, не се таков тип саеми. Здружението е на став дека треба да се дискутира заеднички дали можеби и начинот на промоција ттреба да претрпи измени, односно наместо на саеми, промоцијата да се врши пред кокретни светски тур-оператори или преку реализирање инфо тури со тур-оператори од одредени земји од каде, според светската статистика, патуаат најголем број од граѓаните, односно имаат интерес да посетуваат дестинации како Македонија.
„Транзитниот туризам во вкупната подршка на државно ниво, нема посебен приоритет ниту постои посебна програма која ќе работи на развој на овој вид туризам. Иако факт е дека пред се во летниот период Македонија согласно географската поставеност има зголемен транзит на лица кои само поминуваат низ земјата, сепак транзитниот туризам останува да се развива стихијно, на иницијатива на поединци, наместо како интерес на повисоко ниво од кој бенефитот за вкупниот туризам и државата би можеле да бидат повеќекратни“, нагласуваат од Здружението.
Барање за поттикнување и поддршка на транзитниот туризам од Здружението на угостителството и туризмот е и офицајлно доставено до Министерството за економија од јуни 2017 година, но сеуште нема повратен одговор дали и што е конкретно преземено по ова барање.
Здружението на угостителството и туризмот смета дека хигиената и еколошката слика на Македонија пред туристите не одговара на креирање добра слика. Поради тоа е неопходна поголема координирана активност на општините и Миинистерството за животна средина во насока на подигнување на свеста за хигиената.
Став на надлежните
Директорот на Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот Александар Донев на промоцијата на џебниот туристички водич „In your pocket“ за Скопје најави дека Македонија во 2018 година ќе се ребрендира како туристичка дестинација. Ќе почне и проектот „Платформа за независни патувачи“ кој, пред се, ќе се однесува на туристите кои сами сакаат да ја креираат својата тура и да си го организираат престојот во Македонија, категорија која досега вооошто не била таргетирана.
„Планираме рибрендинг на Македонија зашто актуелното промовирање не ги следи трендовите, а брендот „Macedonia Timeless“ е веќе искористен и во суштина не е туристички. Потребен ни е нов бренд што ќе ги комуницира вистинските потенцијали на Македонија како туристичка дестинација. Тоа, нормално, значи и промена на контентот кој, за жал, не ги прати трендовите“, напомена директорот.
Според него, ни недостасува понуда на активности што може да ги практикува турист низ Скопје, Охрид, Битола и низ Македонија генерално. Изборот на денешните туристи е уникатна дестинација која може да понуди единствено искуство.
Останува да се почекаат ефектот и резултатот од предвидените активности.
МИА