„Политички бројач“ ќе го потсетува Шилегов на одговорноста за воздухот и животната средина

Ниту едно од вкупно 39-те барања на О2 Коалицијата за справување на загаденоста на воздухот не е исполнето. Ова го покажува новата алатка на апликацијата „Мој воздух“ насловена „Политички бројач“. Таа служи за да го потсетува градоначалникот на Скопје Петре Шилегов, но и останатите градски татковци на својата одговорност за решавање на проблемите со загадувањето.

Барањата означени со црвена боја значи дека не се остварени, во жолта значи дека се делумно исполнети, а во зелено се исполнети, иако такви се уште нема.

Ветување #1:Вкучување на граѓани во носење одлуки кои ги засегаат жителите на Град Скопје – не е исполнето. Ветување #2:Јасна и јавна поделба на ингеренциите помеѓу Град Скопје, Општините и ДИЖС – не е исполнето. Ветување #3:Воведување на итни вонредни мерки за време на грејната сезона – не е исполнето“, се наведува на веб-страницата, по што ваквата негативна низа продолжува до последното барање.

„Тие барања директно го засегаат квалитетот на воздухот кој што го дишеме. За да се стави притисок на политичката одговорност и транспарентност околу решавање на најголемиот проблем што ја засега Македонија, политичкиот бројач на лесен и читлив начин ги претставува сите барања, нивниот статус, референци кон нивното исполнување (доколку статусот е во изработка или завршен), како и бројчаник колку денови градоначалникот е на должност“, напиша Горјан Јовановски, автор на апликацијата „Мој воздух“.

Засега оваа опција се однесува само за ветувањата што ги дал скопскиот градоначалник и е во пилот фаза, но Јовановски вели дека алатката ќе се прошири и за останатите општини.