Отворено писмо на три пленумки: Самоволници ги контаминираат идеите и заложбите на Наставнички пленум

Пленумките Жаклина Прекиќ, Данијела Ѓорѓевиќ и Жана Живадиновиќ со отворено писмо реагираат на моментални случувања во Наставничкиот пленум (НП), каде тврдат се случуваат чудни, непленумски и неетички активности. Притоа, велат тие, биле отстранети од каналите за комуникација на НП, па прашуваат дали се „крие самоиницијативна узурпација и манипулација со НП или пак е можеби ‘некаква нарачка’ од некаде и некого со цел да се разнебити вистинскиот демократски капацитет на пленумот“.

Радио МОФ ви го пренесува писмото интегрално:

 

Почитувани пријатели на слободоумието,
слободата и демократијата,
драги пленумци,

Со ова отворено писмо би сакале да ве информираме дека во Наставнички пленум (НП) и Иницијативниот одбор на неговиот синдикат во формирање во моментов се случуваат чудни, непленумски и неетички активности. Имено, неколку самоволници во нашите редови спроведуваат своеглави активности чија натамошна реализација веруваме дека ќе доведе до уништување на нашето благородно, добронамерно движење кое треба да работи во интерес на сите просветни работници, а е создадено со искрена, солидарна и слободољубива желба за ослободување од стегите и диктатите на претходниот режим.

Од страна на тие самоволници бевме отстранети од каналите за комуникација (со кое самодадено право?!) само еден ден по одржувањето на првата средба на Иницијативниот одбор за формирање синдикат, а со тоа ни се оневозможи и активно партиципирање во иницијалните синдикални активности, по што следеа подмолни и разорувачки етикетирања и дискредитација, па дури и насилно преземање на каналите со самопрогласување на администратор без одобрение на членовите. На сето ова му претходеше скришно закачување на официјалната елктронската адреса на Пленумот со цел до медиумите да се испрати некаква „исправка“ на реакцијата на НП по повод 5 % покачување на наставничките плати, а сето тоа без знаење и одобрување на мнозинството во Пленумот.

Дрскоста и ароганцијата да бидат уште поголеми, овие самоволници ги контаминираат првичните идеи и заложби на НП со што го доведуваат во реална заблуда огромното новоприклучено членство истовремено предизвикувајќи разочарување кај дел од старите пленумци и нивно повлекување од пленумот. Оттука, прашуваме јавно дали зад ваквите преземени малигни активности на самоволниците се крие самоиницијативна узурпација и манипулација со НП или пак е можеби „некаква нарачка“ од некаде и некого со цел да се разнебити вистинскиот демократски капацитет на пленумот и истиот да се претвори во аморфна маса. Стравуваме дека целиот природен бунт и револт на просветните работници, артикулиран преку создавањето на НП, и негoвиoт Синдикaт вo oфoрмувaње се во реална опасност да ја изгубат природноста на внатрешната сила и поривот за слобода и слободно изразена мисла.

Кому му оди во прилог ваквата деструкција? Одговорот ќе дојде сам по себе затоа што вистината секoгaш излегува на виделина. Впрочем, актерите на ова валкано самосоздадено од егоистични кариеристички побуди или пак нарачано сценарио ќе станат жртви на пајаковите сплеткарски мрежи кои сами ги создаваат.

Во оваа прилика сакаме уште еднаш да потенцираме дека борбата на пленумци беше и мора да остане заедничка и никој, апсолутно никој, нема право индивидуално да ги понесе заслугите за истата. Пленумот нема лидери, уште помалку идоли и неприфатливо е да се доделуваат заслуги на поединци за нешто за кое заеднички сме се избориле и секако ни следува.

Но, дали некој воопшто заслужува да се нарече пленумец ако ги нема сфатено и прифатено основните заложби на НП, имајќи го секогаш на ум неговото тешко создавање во време на репресија на режимот, особено ако е пенетриран и инволвиран како никулец на НОВ ПЛЕВЕЛ во оваа благородна професија која има за цел да создава и воспитува слободоумни и образовани млади луѓе.

Со ваквите деструктивни активности на самопрогласените „газди” вo НП, oсoбенo вo време нa фoрмирaње нa негoв Синдикaт, Пленумoт ќе доживее дебакл, ќе се самоуништи и краен резултат ќе биде повторната гoлгoтa на просветните работници својствена за претходниот режим кога битисувавме во полусвет на формална демократија. Односно, ако еднаш „изгорат“ позитивните заложби за сочувување на основните пленумски вредности, „изгореното никој повторно не ќе може да го запали“. Ова е порака за вразумување на сите инволвирани актери во овие неетички и непленумски активности. Сите наставници и пленумци сериозно нека се запрашаат од каде тргнавме, каде одиме и каде ќе стигнеме.

 

Со почит,
Жаклина Прекиќ
Данијела Ѓорѓевиќ
Жана Живадиновиќ