[Фото+видео] Марш на толеранција: Само една скала негативно го менува животот на лицата со попречености

Со рута од Музејот на Град Скопје, преку улиците „Македонија“ и „Димитрија Чуповски“, па до паркот ,,Жена борец” спроти Собрание, денеска на ноемврискиот дожд се оддржи Маршот на толеранција, посветен на лицата со попречености.

Организатор беше Хелсиншкиот комитет за човекови права, чии претставници по рутата со налепница ги одбележуваа непристапните места. Целта беше да се укаже на надлежните структури за да реагираат и интервенираат на сите урбанистички, сигнализациски и разни инфраструктурни проблеми со кои се соочуваат лицата со физичка попреченост, особено оние кои се наоѓаат во инвалидски колички и слепите лица.

„Ќе продолжиме да се бориме за правата на овие лица, за почитување на различностите. Постојатно ќе апелираме до сите министерства, до власта да ги вклучуваат во новите законски измени, да ги прифатат нашите препораки и не’ вклучат во работните групи“, рекоа од Хелсиншки.

Студентка од Институтот по дефектологија нагласи дека луѓето со попреченост претставуваат наши мајки, татковци, синови, ученици..

„Сите ние имаме некој што познаваме во кругот на нашето семејство. Затоа сме ние, тие кои треба да зборуваме во нивно име, со цел да им го олесниме животот и да ги вклучиме повеќе во нашето општество“, рече таа.

Меѓу говорниците беше и Соња Ѓорѓиевска од националниот Сојуз за лицата со телесен инвалидитет „Мобилност“. Ги искажа нивните заложби за спроведување на Законот за градба и Правилникот за пристапност и во објектите. Како пречка ги спомена и архитектонските бариери, кои го спречуваат основниот пристап до објектите, а истовремено лицата да се стекнат со образование, да се вработат, да бидат конкурентни на пазарот на трудот и обезбедат егзистенција за семејството.

„Залудна е и најдобрата програма за вработување на лица со инвалидност, ако пред работното место повторно има високи рабници и скали на влезови. Тие скали двојно ги хендикепираат лицата – еднаш како можни корисници на услуги, и втор пат како можност за нивно вработување“, нагласи Ѓорѓиевска.

Зоран Мијалков од иницијативата „5до12“ повторно повика на системски решенија. Не „од денес за утре“, туку, вели тој, чекори кои конечно ќе го решат овој проблем кој уништува цели семејства.

„Овој пат ги повикуваме и локалните самоуправи, и тие да учествуваат. Сите заедно, министерствата, владата, локалните самоуправи, секој оној што сака да направи за овие деца, конечно да направи! Се надевам не само на зборови“, потенцираше Мијалков.

Бојан Шашевски