Стотици луѓе вчера маршираа во Холивуд како поддршка на жртвите на сексуално злоупотребување и вознемирување, инспирирани од кампањата на социјалните мрежи #MeToo.
Маршот следува по напливот на обвинувања за навреди и вознемирување против јавни личности, откако првично се дозна за филмскиот магнат Харви Вајнстајн.
Маршот започна на Булеварот Холивуд и чекореа низ Булеварот на славните, се до седиштето на телевизијата Си-Ен-Ен.
Иако повеќето беа жени, на маршот му се приклучија и мажи.
21-годишната Тара МекНамара од Лос Анџелес, изјави дека маршот е еден вид пресврт откако со години жените не биле сфаќани сериозно за злоупотребите.
„Јас во неколку наврати бев сексуално вознемирувана во текот на мојот живот“, рече таа. „Тоа влијаеше на мене во секој аспект од мојот живот“.
Хаштагот #MeToo за првпат беше употребен од социјалната активистика Тарана Бурке, а го популаризираше Алиша Милано по обвинувањата за Вајнстајн.
„За секој Харви Вајнстајн, има уште стотици други мажи во соседството кои го прават токму истото“, напиша Бурке на Фејсбук пред почетокот на настанот.
„Она што го гледаме, барем засега, е заедница на преживеани, заедница која израсна од виралниот момент #МеТоо, за што се надевам и се молам дека ќе опстанеме“.
Актерот Кевин Спејси и комичарот Луис ЦК се меѓу јавните личности кои се обвинети за сексуално вознемирување во изминатите неколку недели.
Луис ЦК објави извинување, признавајќи дека после неколку години негирање, обвинувањата се вистинити.
„Моќта која ја имав над тие жени е тоа што тие ми се восхитуваа. И јас ја искористив таа моќ неодговорно“, напиша тој.
„Њујорк Тајмс“ во октомври објави дека осум жени почнале судски процес против Вајнстајн, бидејќи како што велат, тој сексуално ги вознемирувал и ги присилил на непосакуван физички контакт.
Вајнстајн исто така беше обвинет за силување, но преку својот портпарол тој „недвосмислено ги негира“ сите обвинувања за неконсензуален сексуален однос.