Изложба на млади научници по повод Светскиот ден на науката

Во струмичката гимназија денес беше отворена изложба на наградените проекти на млади истражувачи-иноватори од основните и средните училишта во Македонија, организиран по повод Светскиот ден на науката.

Наградените ученици велат дека постои интерес за наука и иновации.

„Го освоив првото место на републичкиот натпревар по Народна техника  во областа на агротехниката. Мојот проект е четиридимензионално производство на печурки. Односно, сакав да докажам дека е погрешна производствената логика за производство само на печурки. Така, ако произведуваме пченица, отпадот е совршен за производство на печурки. Тој пак отпад е добар за фармите каде се создава црв, кој пак тој отпад го разградува“, објаснува Маја Стојанова, средношколка од Гевгелија.

И менторите се задоволни од интересот кај учениците.

„Има многу голем интерес кај учениците, а особено е важно што станува збор за иновативни проекти. Така, во нашето училиште успеавме да освоиме многу награди и во делот на еко-хемијата, селекцијата, фармацијата“, вели Јасмина Цамбулева, професор по стручни предмети во СОУ „Димитар Влахов“ во Струмица.

Ова е ревија на дел од елитата млади истражувачи, истакна проф. д-р Љубица Каракашова, претседател на Сојузот на млади истражувачи при Народна техника.

„Тука можете да видите дел од елитата и нивните наградени иновативни проекти. имаме различни теми од искористување на отпадокот во земјоделското производство, имаме иновации во областа на електрониката, во областа на добивање здрави прозиводи на природна база“, рече проф.Каракашова.