Јемен се соочува со „милиони жртви“ во најголемиот глад во последните децении, доколку не продолжи доставувањето помош, предупредува висок претставник на Обединетите Нации (ОН).
Марк Лоукок, заменик генерален секретар за хуманитарни прашања на ОН, повикува коалицијата предводена од Саудиска Арабија да ја тргне блокадата на земјата зафатена од конфликт.
Во понеделник, коалицијата го запре воздушниот, патниот и поморскиот пат за Јемен, откако бунтовничките Хути групи лансираа ракета кон Ријад. Балистичкото оружје беше пресретнато во близина на главниот град на Саудиска Арабија.
Саудиските власти порачаа дека блокадата е неопходна за да се спречи Иран да испраќа оружје на бунтовниците, додека Иран отфрла дека ги вооружува овие групи кои се борат против коалициските сили, предводени од Саудиска Арабија, од 2015 година.
„Соопштив на Советот дека доколку не се прекинат овие мерки… во Јемен ќе има глад. Тоа ќе биде најголема глад која светот ја видел многу децении, со милиони жртви“, рекол за новинарите Лоукок по затворен брифинг во Советот за безбедност на ОН, пренесува ББЦ.
Претходно оваа недела, ОН и Црвениот крст предупредија дека на милиони Јеменци, кои зависат од хуманитарна помош, им се заканува „катастрофална“ ситуација.
Црвениот крст соопшти дека нивната пратка на таблети со хлор, клучни за спречување на епидемијата од колера која зафатила повеќе од 900 илјади луѓе, била блокирана.
ОН посочува дека седум милиони Јеменци се на работ на глад.
Земјата е зависна од увоз на скоро сè што на цивилите им е неопходно да преживеат. Според ОН, повеќе од 8.670 луѓе, 60% од нив цивили, се убиени а 49.960 повредени во бомбардирање и борби откако коалицијата интевенираше во Јеменската граѓанска војна во март 2015 година.