Владата итно да оформи посебен Фонд за заштита на животната средина и да одвои околу 1 отсто од проектираниот БДП за 2018 година, бара иницијативата Скопје смог аларм.
Тие ги наведуваат податоците на Еуростат, кои покажуваат дека во 2015 година Словенија одвоила 389 милиони евра, додека Бугарија одвоила 358 милиони евра за заштита на животната средина, т.е. вкупните расходи за заштита на животната средина на владите во ЕУ-28 земјите изнесувале просечни 0,8% од БДП.
„Заради катастрофалната еколошка состојба во Македонија сметаме дека Владата треба да одвои околу 1 отсто од БДП во посебен Фонд за заштита на животната средина. Го повикуваме Министерството за животна средина итно да изготви акциски план и соодветни проекти за бараните средства.
Како илустрација за лошо приоретизирање на јавните политики, во изминативе 10 години потрошени се скоро 700 милиони евра за проектот „Скопје 2014“ според Призма – Бирн, додека годишниот буџет на Министерството за животна средина и просторно планирање варира помеѓу пет и десет милиони евра“, стои во нивното соопштение.
Од иницијативата потсетуваат дека според Светската Банка (2015), како последица на аерозагадувањето македонската економија трпи годишни загуби од 253 милиони евра или 3,2 отсто од БДП, што значи дека реалниот раст на економијата изминативе години е 0 отсто.
Овој тренд, според нив, мора да запре.