Секој млад репортер мора да знае како да го користи својот паметен телефон бидејќи денес тоа е најголемата алатка за известување, смета Роб Монтгомери, основач на платформата за курсеви од областа на мобилното новинарство „Smart Film School“.
Тој викендов предаваше за важноста и употребата на овие уреди како дел од Првиот истражувачки филмски фестивал во Скопје.
„Традиционалните медиуми имаат камери и тимови, но често се ограничени и им е потребно време за да направат снимки. Затоа е важно, секој репортер, секоја организација, да ја знае моќта на телефонот и потребно е искуство за тоа да се постигне“, појаснува Монтгомери.
Интернетот е преполн со видеопреноси од музички концерти, натпревари и напади, но тоа се само сведоштва кои треба да бидат проверени и да им служат на новинарите, смета тој.
„Тие се сведоци, тие само извори за професионалните репортери. Кога користите такви снимки, тоа се само сведоштва, кои треба да се проверат бидејќи има многу луѓе што се обидуваат да ги измамат медиумите. Често се снимани вертикално, што е исто така проблем за предавателите“, нагласи Монтгомери.
Според него, главна работа за секој млад репортер е да научи како да го користи својот паметен телефон како свој тефтер.
На неговата веб-школа досега се претплатиле 10 000 корисници, од кои повеќето се млади новинари, но и нивните професори.
„Ако гледаме на снимањето како на јазик, тоа е како да се учи странски јазик. За да го научите, треба да користете приказни и да научете како се прават фотографии и секвенци. Но, тоа може секогаш да се започне“, вели овој едукатор за мобилно новинарство.
„Почнете да ги градете видеата малку по малку, почнувајќи со звукот. Репортерите треба да научат како да ги користат камерите за да ги одговорат истите новинарски прашања – кој, што, како, зошто, каде и како…“, додава тој.
За него, секоја приказна, од процесот на приготвување на кафе, па до најобична прошетка во природа, може да биде приказна.
„Запрашајте се, може ли да раскажете приказна во 30 секунди?“
Емилија Петреска