Еко-протест за употребата на јаглен во Германија, пред климатска конференција на ОН

Пред утрешната климатска конференција на Обединетите Нации, илјадници граѓани и еко-активисти вчера протестираа во Бон со барање Германија итно да ја прекине употребата на јаглен.

Преку шарени транспаренти со слогани како „Стоп за климатското злосторство“, „Револуција, не загадување“ и „Канцелар за екологија или јаглен?“, учесниците ја критикуваа зависноста на германската влада од централите на јаглен за производство на енергија.

Бон, поранешниот главен град на Западна Германија, ќе биде домаќин на двонеделната климатска конференција, позната како COP23, која започнува утре.

„Јагленот нема иднина, светот се трга од него. Германија мора да го следи тоа, инаку ниту ќе бидеме пример за другите земји, ниту ќе ги исполниме меѓународните заложби кои сме ги презеле“, изјавил Еберхард Бранд од Светскиот фонд за природата за Дојче Веле.

Околу илјада граѓани од Келн дојдоа на протестот со велосипеди.

„Сакаме да покажеме дека е можно и со велосипед. Веројатно нема да можеме целосно да се оттргнеме од автомобилите, дури и со електричните возила, мораме да го промениме нашето однесување и да возиме велосипед на кратки растојанија, наместо автомобили“, еден од активистите рекол за Дојче Веле.

Демонстрантите ја нагласија и иронијата, што овогодишната конференција се одржува на само 50 километри од најголемиот извор на емисии на јаглероден диоксид во Европа – отворените рудници во близина на Келн и германскиот источен регион Лаусиц.

Според организаторите на протестот, присутни биле околу 25 илјади граѓани, додека полицијата пребројала 11 илјади демонстранти.

Експертите предупредуваат дека Германија е на пат целосно да ги промаши климатските цели зацртани до 2020 година, доколку не почне да го намалува користењето на јаглен. И покрај заложбите на Германија, остануваат активни 77 термоцентрали на јаглен, најмногу од европските држави.

Скоро петтина од емисиите на јаглерод диоксид во Европската Унија доаѓаат од термоцентралите на јаглен, а Германија и Полска се одговорни за половина од тие емисии.