Краткометражниот експериментален филм на Милчо Манчевски, „Крајот на времето“ е награден на меѓународниот фестивал во Јихлава, Чешка. Филмот е прикажан во програмата „Фасцинации: вселени“, која фестивалот ја опишува како „голема фабрика за експериментално правење филмови каде филмовите кои се базирани на стварноста се ослободуваат од се што им тежи и каде значајно се шират можностите на кинематогафскиот израз“.
„Банана филм“ информира за образложението на жирито, кое за филмот на Манчевски вели: „Во рамки на неколку минути филмот прикажува момент од секојдневната стварност што трае само неколку секунди и со тоа отвора прозорец кон мнозина скриени детали кои го слават животот. Жирито го цени директниот пристап на режисерот и неговата способност да изгради тензија во навидум безвременската атмосфера на улица во Куба. Микроприказните откриени низ разнослојно успорено движење на сликите претставуваат мали чудесии кои ѝ избегнуваат на нашата перцепција во стандарднто течение на времето“.
„Крајот на времето“ е кубанско-американска копродукција по сценарио и режија на Милчо Манчевски, експеримент што тој го сними во Куба додека предаваше на кубанската државна филмска академија минатата година. Иако во филмот не учествува македонската држава (преку Агенцијата за филм), во филмот учествуваат Мишо Ристов како автор на вузелните ефекти и Игор Василев Новоградска како автор на тонскиот дизајн и на музиката. Директор на фотографијата е Ален Лопез Мартинез, монтажерка Кристина Поженел, а колорист Мајкл Двас.
Филмот е веќе прикажан на дваесетина фестивали, и освои награда во Аспен, Колорадо. „Крајот на времето“ беше прикажан и на отварањето на годинашниот фестивал „Браќа Манаки“, како и на манифестациите „Култиватор“ во Кино Карпош и „Читај, бе, братучед, читај!“ на книжевниот фестивал „Букстар“ (BookStar). Откупен е за светска дистрибуција, а од идниот месец се прикажува во Јапонија.