Македонија поддржа основање на Меѓународен Институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии

Владата на Република Македонија одлучи официјално да ја поддржи иницијативата за основање на Меѓународниот Институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии со мисија „Наука за мир”, институт кој ќе работи според „ЦЕРН моделот”.

Министерката за образование и наука Рената Дескоска, денеска во Женева, ја потпиша Декларацијата за намери за основање на Меѓународен Институт на Југоисточна Европа за одржливи технологии, проект кој е единствен од ваков вид во регионот и ја има добиено својата поддршка од ОН, УНЕСКО и од ЦЕРН.

Според министерката Дескоска, главна цел на проектот е да се промовира соработката меѓу науката, технологијата и индустријата, односно да биде платформа за едукација на талентирани млади луѓе и инженери врз основа на трансфер на знаење и технологии од европските центри и лаборатории, а проектот ќе овозможи и вработување на научници и експерти од земјите коишто ќе бидат вклучени во него.

Од страна на земјите потписнички, препознаена е неопходноста од формирањето на еден современ Институт кој ќе биде базиран на најновите технологии, а би овозможил научна и технолошка соработка, трансфер на знаење, промоција, зајакнување на иновациите, размена на информации, човечки ресурси и обуки.

Конкретниот идејно-научен концепт за овој Институт е веќе разработен и подразбира изградба на синхротрон (тип на кружен акцелератор) кој ќе овозможи истражување од различни области како што се биологија, биомедицина, хемија, фармакологија, екологија, геологија и инженеринг, со широка примена во разни индустрии.