Поплавени две соби од „Стив Наумов“ поради неисчистени оџаци

Дел од студентите, кои престојуваат во Студентскиот дом „Стив Наумов“, се пожалија дека нивните соби биле поплавени за време на вчерашниот дожд.

На видеото кое беше објавено на дел од медиумите може да се види како водата тече низ ѕидовите, отворите од цевки и како на подот на собите има поставено кофи за да се собира водата.

Од Студентскиот дом велат дека биле поплавени две соби во третата женска зграда од „Стив Наумов“ и дека проблемот настанал поради долгогодишна занемареност во одржување на зградата.

„Податоците на домот покажуваат дека за истоимената зграда последен пат биле одвоени средства во 2008 година, а средства за варосување не се одвоени дури и од 2006 година. Олуците, поради чие неодржување е настанато поплавувањето, последен пат
се исчистени точно пред 3 години, па истото предизвикувало поплавување на двете соби
во повеќе наврати, што довело дури и до заскапување на неколку места“, тврди директорот на Државниот студентски центар, Атанас Бојчев.

Во соопштението до медиумите, тој вели дека раководството веднаш интервенирано и дека на студентите им е понудено дислоцирање додека се врши санирањето на собите,
односно дезинфекција, варосување и реновирање. Бојчев додава и дека ангажирале фирма за чистење на оџаците, за да се спречи повторно поплавување.