Владата ќе потпише договор за изградба на филтри во Југохром, комбинатот на пролет почнува со работа

Премиерот Зоран Заев при посетата на Јегуновце најави дека во вторник, 10 октомври, Владата на Република Македонија ќе потпише договор со сопственикот и Синдикатот на вработените за изградба на филтрите во „Југохром“.

Според претседателот на Владата, ваквиот договор ќе биде „на задоволство на сите, на задоволство на вработените, на задоволство на еколошките друштва, на задоволство на газдата“.

Истакна дека почнале со изградба на филтрите и најави дека сите работници ќе се вратат на работа, во март или април кога би стартувал комплетно „Југохром“.

Инаку, Инспекторатот за животна средина уште пред ланската зима донесе одлука за забрана на работа на комбинатот по констатација дека не ги исполнил активностите предвидени во Оперативниот план, меѓу кои се предвидуваше и системот за отпрашување.

По исклучувањето на печките, Синдикатот на вработените во „Југохром“ на неколку пати протестираше и рекоа дека се чувствуваат измамени, и од сопствениците и од институциите, кои најпрво задоцниле со издавање на дозволи за изведба на филтрите, а потоа наредиле исклучување на печките. Сметаа дека Тетово е загаден и без „Југохром“.

За разлика од нив, Здружението „Еко герила“ потенцираше дека мерните станици покажуваат почист воздух во времето кога комбинатот не работи. Активистите искажаа поддршка на Инспекторатот и на Министерството за животна средина „да не станат жртви на тактизирањата од раководството на ‘Југохром’“.