Ангела Прилепчанска – младата спортистка што го „скрши мразот“ за уметничкото лизгање во Македонија

Македонија годинава за првпат учествуваше на натпревар од светски ранг во уметничко лизгање кој се одржа во Загреб минатата недела. Наш претставник беше 13-годишната Ангела Прилепчанска, која се натпреваруваше во категоријата за јуниорки. Нејзиниот деби настап доби позитивни критики, а за самата федерација и Ангела претставува мотивација за понатаму.

Се до објавувањето на резултатите од тестирањето, на крајот од август, не знаев како ќе се изведе сето ова, бидејќи времето беше многу кратко. Досега настапувавме групно и ги споделувавме припремите, успесите и патувањата на секој од нас во школата. Ова беше нешто друго. Ми беше укажано дека овој настап е многу поинаков и дека е многу сериозно. Ќе мора да се настапи во најдобро светло. Некои од странските натпреварувачки во Загреб ми се чудеа и ми изразуваа честитки што со само 4 месеци годишно мраз сум успеала да се појавам на едно вакво светско првенство“, ни раскажа младата Прилепчанска.

Таа вели дека засега е задоволна што успеала да ја претстави земјата според условите кои ги бара ова превенство, но верува дека може и подобро.

Ангела и Алексеј Мишин

„Се надевам на следното учество дека ќе бидам ослободена од товарот на прв историски настап, а резултатот ќе биде подобар. Среќна сум што таму го запознав Алексеј Мишин од Русија, најпознатиот и најдобриот светски тренер по Уметничко лизгање“, рече Ангела.

Ова е големо признание, пред се за спортистите, но и за македонскиот спорт и државата воопшто. Членството во Светската Лизгачка Федерација отвара многу светски врати. Според ова, спортистите можат да учествуваат на големи светски натпревари, ќе им бидат овозможени тренинг кампови, стручни семинари, а може да се случи да се создадат услови и домашната федерација да организира светски натпревар.

„Ангела го даде својот максимум“, ни изјави нејзиниот тренер Ксенија Јастсенски-Симиќ.

„ Покажа се што се очекуваше од неа. Беше борец од почетокот до крајот. Јас сум горда за неа“, рече таа.

Сепак, според неа потребно е уште многу вложување во овој спорт.

„Условите за тренинг се одлични, но нам ни е потребно подолга сезона на мраз. Односно, потребно ни е затворено лизгалиште. За се останато, би можела да кажам дека можеме да се снајдемe“, смета Јастсенски-Симиќ.

„Инвестицијата во затворено лизгалиште ќе ја подигне свеста за овој спорт, а со тоа условите за работа и тренинг ќе бидат далеку, далеку подобри“, нагласува таа.

Пред настапот во Загреб со нејзиниот тренер Ксенија Јастсенски-Симиќ

Уметничкото лизгање е млад спорт во Македонија, додека како олимписки спорт постои повеќе од 100 години. Во Македонија за првпат е отворена секција по уметничко лизгање во СЦ Борис Трајковски  во мај 2011 година, а веќе по три години поради интерес е поставена и подлога со мраз со што отпочнува развојот на овој спорт, појасни Јастсенски-Симиќ.

„Таа сезона во пролетта 2014 година, со децата настапив за првпат на меѓународен натпревар. Досега имаме успешно настапувано на многу меѓународни натпревари во регионот. Можеби сме единствена земја која имала спортисти и настапи на меѓународната сцена, а при тоа немала основано федерација за Уметничко лизгање“, вели таа.

Нејзините први чекори на мразот ги имала на четири години кога со нејзината мајка за првпат го посетиле лизгалиштето под Кале.

„Таа ме научи на првите чекори, а татко ми нè следеше и сликаше, па сега гледам колку сме биле смешни во споредба со сегашното лизгање. Некаде во тој период, со сестра ми посетувавме балетска школа. Случајно на поминување од арената СЦБТ, сестра ми Деана изрази желба да посетува школа за уметничко лизгање. Тоа беше во пролетниот период, кога имаше пластична подлога наместо мраз. Уште тогаш добро ги владеев ролерките, и некако лизгањето во тој момент не ми беше предизвик. Бев приврзана кон балетот. Се приклучив неколку месеци покасно откако видов како Деана ме надминува во изведбата со ролери кога си игравме. Тогаш посакав и јас да тренирам. Имав одличен прием кај тренерката Ксенија. Татко ми брзо потоа ни ги купи првите лизгалки, и сè беше поинаку. Открив дека и тука има балет, но имаше и други тренинзи, кореографија, гимнастика, поголема забава и многу повеќе деца… Со поставувањето на подлога со мраз драстично се сменија тренинзите. Ги добивме првите професионални лизгалки. Подобра опрема и поинтензивни тренинзи. Некои деца се откажуваа, но и многу други се пријавуваа. Со првиот наш натпревар во Белград, можеби не толку тежок како овој, бев убедена дека сакам да се занимавам со овој спорт“, вели одлучно Ангела.

Сепак, подготовките за првенство во реалност се многу потешки отколку што звучи. Покрај редовните тренинзи во Скопје, предвидена е и посета на летен камп во Словачка или Чешка. Но, бидејќи присуството на кампот било скапо за Ангела и нејзината сестра, тие за да одржат формат во летниот период заминале во Базел, Швајцарија, на гости кај блиски пријатели. Таму вежбале речиси три недели самостојно.

„Овој период го искористивме за интензивни тренинзи. Имавме среќа да тренираме во исто време кога тренираа и натпреварувачите од Базел. За првпат видовме како се одржуваат тренизи во една западна земја. Некои од натпреварувачите имаа и дури и по двајца тренери. Интересно е што за првпат видов како тренира и двојка ( пар ) во уметничко лизгање. Овие самостојни тренинзи многу ми помогнаа потоа, при тестирањето кое следеше“, објаснува Ангела.

Ангела и нејзината сестра Деана во почетоците

На тестирањето ги исполнила бараните критериуми за настап на првенството по што со тренерката Ксенија поминале 11 дневни припреми  во Белград.

„Тренирав од 2-3 пати дневно, по неколку часа. Веднаш потоа отпатувавме за Загреб“, вели Ангела, нагласувајќи дека севкупно имала еден месец за да го испланира својот настап.

Сега, вели таа, најважно е да се присуствува на што повеќе натпревари.

Нејзиното семејство најверни навивачи

Нејзиниот горд татко Александар Прилепчански вели дека овие денови биле кулминација на она што изминатите 6 години макотрпно го граделе во сложени или почетнички услови на Уметничкото лизгање во Македонија.

„Од родителот се бара тимска работа. Делумна присутност на тренинзите, и како фотограф, бидејќи треба да го документирате тоа што го работи детето. Одраз на вашиот „дизајнерски“ потенцијал при креирањето на костимите, па и како мајстор за одржување на лизгалките и ролерките, барање со месеци на убави парчиња на музика, изборот и монтажа на музиката за настап, експерименти со фризурата и тн. По сето тоа, се бара потврда од тренерката Ксенија и дали  ќе ви го одобри „проектот“ или не“, раскажува тој од своја перспектива.

Прилепчански вели дека воопшто не очекувале некаков голем резултат, бидејќи истовремено се грижеле за можни негативни последици од овој натпревар.

„За нас како родители, постоеше голема дилема. Што ако Ангела се обесхрабри по овој настан?  Што ако Ангела се откаже потоа?  Утврдивме концепт за надминување на психолошката бариера со која треба едно дете да се соочи за ваков настан. Така Ангела успеа да ги надмина сите притисоци, физички тегоби и грчеви за време на двата настапа, беше присебна, свесна за целиот настан и се престави во најдобро светло, и тоа мене особено ме радува, перформанс безз никаков комплекс. Го издража на високо ниво овој историски настап за Уметничкото лизгање во Македонија. Конечно ги оправдавме зимските утрински тренинзи во 6 часот на – 20 степени, на кои многумина ни се чудеа. Но, ниту  успехот ниту среќата доаѓаат без упорност, пожртвуваност, верба, сила, посветеност  и цврст дух. Тоа се вредности кои најдобро родителот може ги пренесе  на своето дете“, смета тој.

Прилепчански очекува државата повеќе да се заземе за овој спорт. Според него, уметничкото лизгање поттикнува многу креативни потенцијали кај едно дете.

„Кај нас се уште се третира овој спорт како женски, но во светот еднакво се практикува и од мажите. Уметничко лизгање денес, се повеќе се практикува во земји од Африка, Јужна Америка и од Азиските јужни земји. Покрај лизгањето на мраз, се организираат и натпревари со in-line skatе ролерки, паралела на Уметничко лизгање на суво. Може да се дисперзира во повеќе градови во Македонија. Успехот ќе биде неминовен, доколку се проектира на  подолг период. Има  многу талентирани деца, а малку тренери, поточно имаме само еден „Supermen-тренер“ и кој не е од Македонија“, забележува Прилепчански.

Истиот потенцијал го препознава и Јастсенски-Симиќ. За неа е најважна желбата кај нејзините ученици за вежбање, напредување и држба, пред сè.

„За тренерот и спортистот најважна е вебрата и довербата меѓу нив, односно тимскиот дух и тимската работа. И да не заборавиме, здравата средина во која вежбаме. Без разлика што е во прашање индивидуален спорт, ние секогаш тренираме во група и секогаш се трудам моите спортисти да се дружат и да се подржуваат меѓу себе“, смета таа.

Ангела, пак, вели дека доколку се подобрат условите, би можела да размислува за професионално занимавање со уметничкото лизгање.

„Според тоа што го имам видено во другите земји, овој спорт многу посериозно се тренира. И бројот на учесници е многу поголем. Видов дека во Белград, Загреб и Софија имаат по 3 лизгалишта, од кои по едно работи преку цела година. Тоа што ни фали е затворена сала и и по можност мраз преку цела сезона. Тоа би било вистинска можност и за мене, но и за сите деца кои тренираат, можност да се занимаваат професионално со уметничко лизгање“, вели младата спортистка.

Емилија Петреска