Турскиот суд на 40 обвинети заговарачи против претседателот Ердоган им пресуди доживотна затворска казна, на вчерашното судење за минатогодишниот обид за државен удар.
Речиси 50 обвинети беа судени во Мугла, во чија близина војници го нападнаа хотелскиот комплекс каде Ердоган беше на одмор во јули 2016, неколку минути откако турскиот лидер побегна. Меѓу осомничените, кои беа обвинети дека ја испланирале и координирале заседата, се и поранешен воен советник на претседателот и други високи службеници.
Беа доделени вкупно 40 доживотни пресуди, а некои од нив ја добија и можноста за намалување на затворската казна доколку се примерни затвореници. Од вкупно 47 обвинети, двајца се сè уште во бегство.
„Обвинетите се виновни за обид за атентат на претседателот“, изјави судијата Емирсах Бастог пред преполната судница.
Случајот, кој започна во февруари, е едно од неколкуте судења кои се случуваат низ земјата поради обидот за државен удар.
Обвинетите се пожалија за нехуман третман. Еден поранешен поручник изјави дека ги третираат како криминалци од моментот на апсењето. Друг вели дека се работи за нефер судење и дека обвинетите се „само тревата на која газеле слоновите за време на битката“, според извештај на Ројтерс од судењето.
Големиот прогон на наводните заговарачи во Турција продолжува. Обвинителите неделава потпишаа 140 налози за апсење за вработени во образование и армијата, и уште 112 налози за поранешните општински вработени обвинети за „врски со ѓуленистичкото движење“.
Прогонот ја поларизираше Турција после краток момент на единство после пучот, кога сите партии го осудија нападот. Противниците на Ердоган сметаат дека го искористил обидот за негов атентат за да ја зацврсти својата моќ, апсејќи ги дисидентите и укинувајќи ги слободните медиуми.
Годинава референдум кој ги проширува неговите ингеренции беше изгласан од мнозинството гласачи, со што тој може да се кандидира и на националните и претседателските избори во 2019 година.