Пред една недела за првпат е формирано Национално координативно тело за деца кои употребуваат дроги, во кое членуваат повеќе институции и организации. Тие меѓусебно ќе разменуваат информации и ќе соработуваат со цел да ги унапредат механизмите за следење на состојбата со употреба на дроги меѓу малолетници, како и за превенција, за контактирање, за лекување и за ресоцијализација на овие деца.
Во координативното тело ќе бидат претставници од Министерството за труд и социјална политика, Министерството за здравство, Министерството за внатрешни работи, Министерството за правда, Управата за извршување на санкции, Народниот правобранител, УНИЦЕФ, Црвениот крст на Република Македонија и Здружението ХОПС – Опции за здрав живот Скопје.
Во нивните препораки стои дека како прв чекор за унапредување на грижата за децата кои употребуваат дроги е Министерството за здравство да го усвои протоколот за нивно лекување, додека Министерството за труд и социјална политика да биде поотворено за давање согласност за отпочнување на здравствена нега и социјална поддршка.
„Засегнатите страни треба да го идентификуваат решавањето на ова прашање во своите препораки за приоритети на ИПА-2 механизмот“, се вели во една од препораките.
Вратите на здравствените институции со години се затворени за малолетните корисници на психоактивни супстанци. Државата нема изградено систем според кој тие ќе добијат соодветна терапија и би се ресоцијализирале со околината. Протоколот за нивно лекување е напишан уште во 2011 година, но чека „политичка волја“ во некоја од фиоките на Министерството за здравство. Не се знае кога ќе биде усвоен, иако Радио МОФ пред три месеци побара одговор од министерството.
Најчесто критиките се однесуваа на кадарот, за кој познавачите сметаат дека не е доволно квалификуван за работа со оваа категорија на граѓани. Исто така, дел од вработените во центрите не се доволно сензибилни за работа со оваа популација и меѓу нив има отпор за работа. Потоа, недостасуваат средства за евалуација, мониторинг и контиунирана едукација на постоечките програми. Како дополнителни пречки се недостапноста и непристапноста на центрите за своите пациенти.
Од Министерството за труд и социјална политика, пак, во претходна изјава за Радио МОФ велеа дека поради тоа што нема посебна програма за медицински третман на овие деца, ресоцијализацијата што треба да ја преземат не може да се реализира.
„Децата кои користат дрога се препознаени во системот на социјална заштита како деца во ризик и добиваат психосоцијална поддршка во меснонадлежниот центар за социјална работа. Согласно статистичките податоци на Министерството за труд и социјална политика преку „ЛИРИКУС“, вкупно регистрирани деца во социјален ризик/кои злоупотребуваат дрога изнесува 11 деца“, велат од министерството.
Дотогаш, Националното координативно тело најави дека ќе продолжи со редовни средби.