Експерти, аналитичари и претставници на граѓанското општество ги презентираа своите наоди и препораки за изборниот процес, особено во тринеделниот период на официјална предизборна кампања на Локалните избори 2017, на конференција под наслов „Слободни избори за слободно општество“ што се одржа денеска во Скопје во организација на Центарот за слобода (ЦИВИЛ).
Според Џабир Дерала од ЦИВИЛ, спроведени се обуки од надлежните тела со цел да се исправат грешките од претходните изборни циклуси, но смета дека има многу малку време за да се обезбеди квалитетна работа на телата на Државната изборна комисија. Укажа дека е присутен говор на омраза на социјалните медиуми, а може да се евидентира и во говор на одредени политичари. Ги издводи референдумите против бегалците, за кои смета дека се искористени како валкана алатка, за која, институциите до скоро молчеле и сеуште предизвикува загриженост кај претставници на граѓанскиот сектор. Сепак, ја поздрави одлуката на Миниистерството за локална самоуправа да ги сопре овие активности иако, вели, штетата е веќе направена.
„Ние очекуваме транспарентно финансирање на кампањата и тоа ќе го следиме многу внимателно и секогаш навреме ќе алармираме за состојбите во овој домент. Досега имавме многу серизони забелешки во таа област. Очекуваме час поскоро дополнителни активности за департизација на судството, особено на делот кој ќе биде надлежен за жалби и поплаки на денот на гласањето. ДИК очекуваме да ги употреби сите средства и да ги искористи сите ингеренции кои ги има според законот да не чека само поплаки од политичките партии“, рече меѓу другото Дерала.
Германскиот амбасадор во земјава Томас Герберих во своето обраќање се осврна на резултатите од парламентарните избори одржани вчера во Германија каде христијано-демократите и Социјалдемократите загубија доста гласови, поради што Социјалдемократите најавија дека нема да ја обноват големата коалиција со Меркел така што следната можност би била коалицијата на ЦДУ со либералдемократите и Зелената партија. Оваа коалиција, додаде, се нарекува Јамајканска коалиција, поради нејзините бои. Додека, рече, многу поголема поддршка како и во другите ЕУ-земји добија десното крило, односно околу 13 проценти од гласовите.
„Тоа претставува протест од граѓаните и повик до политичарите за подобро да си ја завршат својата задача. Но, убеден сум дека германската демократија е доволно стабилна за да се справи со ваквата ситуација и можам да ве уверам дека нашата поддршка кон реформите во вашата земја и вашиот пат кон НАТО и ЕУ ќе останат стабилни“, порача германскиот дипломат.
Тој укажа на значењето на реформите, нивната имплементација, како процес кој значи детерминираност и враќање на довербата во институциите. Во тој контекст посочи и на важноста на Локалните избори како многу битен предуслов за повторно да се стекне довербата во јавните институции и јавните тела дека работат во јавниот интерес со тоа што ќе се почитува законот и етичките и професионалните стандарди, а изборните нерегуларности да се осигури дека ќе бидат соодветно санкционирани.
„Одлуките мора да бидат предвидливи, правната сигурност и фундаменталните права мора повторно да бидат воспоставени…Претстојните Локални избори се момент за нов почеток. Народот мора целосно да ја преземе одговорноста како и институциите на државата“, рече Герберих.
„Ваков битен процес на трансформаца бара многу сила и многу храброст. Македонското општесттво се наоѓа сред огромен процес на реконструкција – економска, политичка и општествена. Кавните реформи се навистина тешки и не секогаш се популарни, но треба да биде јасно дека се ова е во интерес на држцвата и дека луѓето мора да ги спроведат реформските процеси“, рече германскиот претставник ветувајќи поддршка од Берлин за реформите.
Крис Хеншо од Националниот демократски институт истакна дека изборите се основа на демократијата и за успешни избори потребно е тие да се добро организирани, изборните власти добро да ја завршат својата работа, партиите да ја спроведат предизборната кампања согласно законот, на гласачите да им се дозволи да гласат без да им се вршат приотисоци, како и да нема злоупотреба на државните ресурси.
Зоран Трајчевски од Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги истакна дека за разлика од минатите изборни процеси, каде беа забележан примери на неизбалансирано известување од страна на некои телевизии, оваа година со распишувањето на локалните избори, состојбата е рече драстично подобрена и очекува така и да остане и во периодот на кампањата.
„Во Агенцијата до денес излезени се четири 10-дневни извештаи и се гледа дека најголем дел, односно скоро сите медиуми ги почитуваат професионалните новинарски стандарди, известуваат за активностите на сите политички партии. Пренесуваат до јавноста ставови на различни групи од општеството, а се забележува само кај два медиуми – ТВ Алфа и ТВ Нова дека го прекршуваат начелото на објективно и непристрасно прикажување на настаните…И Радио Слободна Македонија кое што иако изминатиот период нема повеќе од два часа информативна програма, очигледно е дека во тие два часа ова радио известува само за една политичка партија. Разликата меѓу изборите лани и сега кога ќе го споредиме уделот на гледаноста, односно слушаноста на овие три медиуми е минорен, незначител, а за РСЕ кое има слушаност помалку од еден процент станува збор за медиум кој не е нерелевантен“, вели Трајчевски.
Тој издвои и случаи на „нудење на медиуми на власта“ и нагласи дека не треба да се дозволи воспоставување обиди за ширење пропаганда, туку медиумите да бидат критички настраоени, а да се остават партиите сами меѓу себе да ја водат битката.
Според Мирјана Најчевска од Институтот за човекови права, прекршувања на изборниот процес ќе има и понатаму, поради што се спроведува и мониторинг, но за неа клучно е справување со стравот кај гласачите и нивната неинформираност за што и кого гласаат во што ја гледа и најголемата манипулација од страна на партиите.
„Свесната конфузија која ја создаваат партиите при секој од изборните циклуси гледаме и во моментов се создава. Некои од политичките партии зборуваат за промена на ера, на цел систем. Цело време се зборува за некоја прекретница и за сите избои од 1994 година наваму се зборува дека ова се најважни избори досега, кои откако ќе завршат ќе се промени се од корен. Луѓето немаат поим дека на овие избори гласаат за домаќини, кои ќе треба домаќински да ги трошат парите, а не за промена на името, за високите политики за односи со соседите, за односот кон миграциите и мигантите. Тие гласаат за решавање на проблемот со канализација, за водоводи, за урбанистички планови“, вели Најчевска.
Аналитичарот Сашо Ордановски, пак не се согласува со оваа оценка и смета дека токму овие избори ќе ја одредат перспективата на Македонија во наредната година, како и промените во партиите.
„Овие избори ја имаат таа повисока политичка цел и ќе определат во која временска дистанца ќе имаме наредни предвремени парламнетарни избори. Може да се случи исходот на изборите да биде таков што практично СДСМ ќе го контролира датумот на следните избори, бидејќи може резултатите да бидат добиени на тој начин што сите други политички партии ќе зависат од таа одлука на СДСМ дали и кога би одредиле предвремени избори“, рече Ордановски.
Конференцијата е дел од проектот Слободни медиуми за слободно општество, поддржано од Федералното министерство за надворешни работи на Сојузна Република Германија.
МИА
Фото: ЦИВИЛ