Поранешната Влада дала 12.5 милиони евра на македонски медиуми за „привлекување странски инвестиции“

Претходната Влада во која премиер беше Никола Груевски потрошила 12,5 милиони евра во домашните медиуми „за привлекување на странски инвестиции“, соопшти портпаролот на Владата, Миле Бошњаковски на денешната прес конференција кога го претстави вториот дел од анализата за трошоците за привлекување странски директни инвестиции на изминатите 10 години.

За истата ставка – трошоци за привлекување на странски инвестиции, сумираните бројки покажале дека поранешната Влада потрошила над 31 милиони евра од буџетот за реклами во странски медиуми. За „роад шоуата“ пак министрите без ресор заедно со Никола Груевски, потрошиле точно 5,6 милиони евра пари на граѓаните на Република Македонија, додека економските промотори чија улога, како што рече Бошњаковски, никогаш не беше јавно и транспарентно објаснета и беше во конфликт со македонската дипломатија, ги чинеле граѓаните на Република Македонија 12,5 милиони евра.

Дополнително, министрите без ресор кои биле задолжени за странски инвестиции буџетот го олесниле за уште 2,8 милиони евра кои им биле исплатени како дополнителни бенефиции надвор од месечната бруто плата.

Пред два дена, на прес конференција Владата објави дека биле потрошени 225 милиони евра, за влез на 25 странски компании, кои оствариле 20.000 вработувања. Од Владата ваквото трошење на парите на граѓаните изминатата деценија сметаат дека е нерационално и остава простор за многу идни анализи, па дури и истраги.