„Препораките за медиумите дадени во 2015 година се применети само во ограничен обем, а медиумите сè уште се соочуваат со голем дел од истите предизвици што влијаеја на медиумската сфера години наназад. Сè уште преовладува впечатокот дека медиумите се врзани со политиката или се инструменти на влијателни фигури“, се вели во делот за медиумите во вториот извештај на Прибе, пренесува агенцијата Мета.
Потсетувајќи на статусот „неслободна“ земја во извештајот на „Фридом хаус“ за слободата на медиумите во 2017 година, извештајот на Прибе нагласува дека 130 телевизии и радија претежно се поделени според политички и етнички предзнаци, а медиумскиот пазар е слаб. Состојбата со весниците е лоша, со само пет дневни весници, што, се вели во извештајот, е потенцијална закана за слободните и плуралистичките медиуми, а економскиот притисок врз печатените медиуми се гледа низ пропаѓањето на „Медиа принт Македонија“.
„Особено лоша е состојбата на новинарите, а впечатокот е дека истражувачкото новинарство не се практикува како што би требало, и тоа поради страв, недостиг од ресурси и од новинарски вештини“, стои во извештајот на Прибе. Се нагласува дека истражувачкото новинарство не е приоритет, а се соочува со пречки од властите, што го намалува пристапот на јавноста до релевантни плуралистички и објективни информации.
„Тешко е да се дојде до информациите и до носителите на одлуките. Новинарите честопати не работат според етичките стандарди, што го нарушува кредибилитетот на професијата. Тоа дополнително се потврдува од обвинувањата за коруптивно однесување на некои новинари, како резултат на самоцензура или недостиг од нужните професионални вештини“, се вели во извештајот.
Како лоши се оценети работните услови на новинарите, со ниски плати и со краткорочни договори за работа, без безбедни работни места. Во однос на нападите врз новинари, се нагласува дека властите не ги бараат и не ги обвинуваат сторителите, оставајќи впечаток на неказнивост.
Според Прибе, дискусиите за медиумскиот сектор најчесто се оставени на новинарите и на граѓанскиот организации, а приватните медиуми и нивните сопственици не учествуваат во нив.
Акцент во извештајот се става на МРТ и се нагласува дека националниот радиодифузер е во криза и дека потребна е итна акција поради недостигот од средства, со што се загрозува независноста на куќата. Прибе посочува и дека јавноста нема доверба во МРТ поради нетранспарентност, неотчетност и слаб јавен ангажман, а препорачува обезбедување на неопходните средства за да може таа да функционира независно и донесување законски измени или одлуки за да се надминат тие состојби.
Констатирајќи дека состојбата на медиумите во Македонија е поприлично лоша, вториот извештај на Прибе дава низа препораки за подобрување на медиумската сфера.
„Спроведувањето на сите препораки, вклучувајќи ги и главните препораки од 2015 година, е неопходно за справување со системските проблеми на медиумите“, се вели во извештајот.
- Владата мора да стори сè за сите медиумски реформи да се вклопат во сеопфатна стратегија, да бидат добро испланирани и засновани на истражувања, како и на веродостојни, навремени и транспарентни консултации со сите учесници, и од јавниот и од приватниот сектор, без дискриминација и да вложи напор нивните забелешки да бидат сфатени сериозно;
- Земајќи ги предвид специфичните предизвици со кои се соочени печатените медиуми, треба да се усвојат мерки како ослободување од ДДВ или од други даноци, за да има плурален медиумски склоп;
- Секој медиум мора да усвои кодекс на однесување и да го објави на својата веб-страница. Треба да се создаде механизам за забелешки за случаите за обвинување за прекршување на кодексот;
- Мора да се дава приоритет на истрагите на нападите врз кој било новинар и тие да завршуваат бргу;
- За да се засили улогата на медиумите во барање отчет од власта, треба да се поттикнува истражувачкото новинарство и јавните институции и медиумите треба да ја овозможат неговата работа.
Неколку препораки, пренесува Мета, се дадени и за подобрување на работењето на јавната радиодифузна куќа МРТ:
- Мора итно да се обезбедат соодветни средства за да се засили нејзината независност и за да се овозможи ефикасно работење и управување. Законските измени или одредбите мора да овозможат МРТ да биде целосно транспарентна и отчетна пред сите засегнати страни, активно да соработува со сите релевантни засегнати страни и да се погрижи сите граѓани, без разлика на политичката ориентираност, пол, возраст, попреченост, итн., да бидат со уверување дека МРТ е нивен радиодифузер, а не инструмент на политичките партии или на други играчи. Менаџментот на МРТ мора активно да соработува со сите засегнати страни. За да се смени јавното мислење за МРТ би помогнало усвојувањето стратегија за комуницирањето и за вклучувањето на различни чинители, која би била создадена заедно со сите засегнати страни;
- Мора да се разјасни ситуацијата со финансирањето на Агенцијата за аудио и аудио визуелни медиумси услуги и во целост да се гарантира независноста на Агенцијата, вклучувајќи го тука и нејзиниот Совет.