ОБСЕ: Нападите на Трамп отвораат пат за злоупотреба на новинари

Организацијата за безбедност и соработка на Европа (ОБСЕ) го повика американскиот претседател Доналд Трамп да престане со острите вербални напади на медиумите, предупредувајќи дека со тоа се „деградира“ клучната улога на медиумите во демократијата и отвора пат за злоупотреба на новинарите.

Откако ја презеде должноста во јануари, стана обичај Трамп остро да ги напаѓа водечките медиумски куќи, како Њујорк Тајмс, СНН и Вашингтон Пост, редовно посочувајќи ги во своите објави на Твитер – како творци на „лажни вести“.

„Барам од американската администрација да се воздржи од такви вербални напади на медиумите“, наведува Харлем Десир, застапникот за слобода на медиумите во писмо упатено до американскиот државен секретар Рекс Тилерсон.

„Изјавите на американскиот претседател се многу проблематични и ја деградираат суштинската улога која медиумите ја имаат во секое демократско општество, посочувајќи ја одговорноста на властите и нудејќи платформа за различни гласови“, дополнително се наведува во писмото.

Десир ја потенцирал изјавата на Трамп од собирот во Аризона минатата недела, на кој американскиот претседател ги обвини медиумите дека се „отворено нечесни, мамат и измислуваат приказни“.

„Освен што го поткопуваат кредибилитетот на медиумите, таквите изјави, особено оние во кои медиумите се нарекуваат „непријател на народот“, исто така можат да ги направат новинарите ранливи на злоупотреби и насилство“, пишува Десир.

Организацијата со седиште во Виена, која е набљудувач на меѓународните војни и избори, исто така ја надгледува и медиумската слобода во 57 држави членки, меѓу кои во САД и Русија.