Македонија се најде на последното место од 138 земји во светот, според тоа колку мигрантите се добредојдени во државата, покажуваат резултатите на анкетата на Галуп.
Македонските граѓани добиле вкупен скор од 1,47 – на скала каде 0 е најмал, а 9 е највисок можен резултат. Црна Гора (1,63), Унгарија (1,69), Србија (1,80) и Словачка (1,83) се останатите пет држави кои најмалку биле расположени за прием на мигранти.
На анкетата, мигрантите се најдобредојдени во Исланд, со скор од 8,26, па Нов Зеланд (8,25), Руанда (8,15), Сиера Леоне (8,05) и Мали (8,03).
Анкетата се спроведувала така што граѓаните од секоја држава давале позитивно, негативно или помешано мислење на вкупно три прашања:
- Дали сметате дека е добро или лошо имигранти да живеат во вашата држава?
- Дали сметате дека е добро или лошо имигранти да станат ваши соседи?
- Дали сметате дека е добро или лошо имигрант да стапи во брак со некој ваш близок роднина?
Одговорот „добро“ вредел три поени, одговорот „зависи“ или „не знам“ вредел еден поен, додека секој одговор „лошо“ вредел 0 поени. Индексот се добивал како збир на поените од сите три прашања.
Според демографијата, подобро образованите и младите генерации се поотврени кон прифаќање на мигранти. Оние со високо образование имаат највисок скор од сите останати групи според образование, додека најотворена група, според возраста, се граѓаните родени по 1997 година.
Светскиот индекс за прифатливост на мигранти изнесувал 5,29.
77 држави имале повисок, додека 61 земја имале понизок резултат од просечниот. Мнозинството (54%) од светската популација сметаат дека имигранти кои живеат во нивната држава се добра работа. Нешто помалку (50%), одговориле дека добра работа е имигрант да биде нивне сосед, додека 44% изјавиле дека е добра работа доколку имигрант стапи во брак со нивен близок роднина.
За разлика од најнедобредојдените земји за мигрантите, кои се географски и културно блиски, земјите кои се најотворени за мигрантите се лоцирани на различни страни на планетата – како Исланд и Нов Зеланд, кои се земјите со највисок индекс во анкетата.

Индексите според демографските податоци
Од регионите, највисок индекс има Океанија и Северна Америка, додека најмалку отворени за мигрантите се земјите од Заедницата на независни држави (Русија и поголемиот дел од земјите од поранешниот Советски Сојуз), Блискиот Исток и Југоисточна Азија.
Најбогатите 20% од анкетираните биле најотворени кон прифаќање мигранти, додека останатите четири групи според приходите, помеѓу себе, немаат преголема разлика во индексите на отвореност кон мигрантите.
Целосната листа на држави и нивните индекси можете да ја најдете ОВДЕ.