Младите го посетија Секретаријатот за европски прашања

Младите го посетија Секретаријатот за европски прашањаНа 31-ви јануари 2013 година 80 средношколци од Скопје, Куманово, Велес, Дебар, Струга, Битола, Штип, Тетово, Кичево, Делчево, Кратово и Гевгелија, членови на младинските клубови при Младински образовен форум, беа во посета на Секретаријатот за европски прашања со цел да се запознаат  поблиску со работата, активностите и секторите кои постојат во рамки на Секретаријатот за европски прашања.

За време на оваа посета младите од страна на претставниците на Секретаријатот за европски прашања се информираa за работата и активностите на Секторот за подготoвка на националната верзија на acquis communautaire на Европска Унија,  Секторот за координација на ЕУ фондови и друга странска помош, Секторот за односи со јавноста и Секторот за подготoвка на преговори за членство во ЕУ. Младите се информираа и за Пристапниот дијалог на високо ниво (ХЛАД) и начинот на кој Владата на Република Македонија се справува  со конкретни прашања од клучните области кои се опфатени со Пристапниот дијалог на високо ниво. По претставувањето на сите сектори на Секретаријатот за европски прашања се отвори дискусија и претставниците одговораа на прашањата поставени од страна на младите посетители.

Посетата е реализирана од страна на Младински образовен форум како дел од проектот Проектот на УСАИД за граѓанско општество  во соработка со Секретаријатот за европски прашања кој ги отвори своите врати за младите од Република Македонија и ги запозна со неговата улога и значење во процесот на евроинтеграцијата на Република Македонија. Преку овие настани организаторите целат кон приближување на институциите до младите во насока на зајакнување на комуникацијата помеѓу граѓаните и надлежните власти со што се придонесува кон развивање на демократското и отворено општество.