Бесплатни станови од владата добија „благодарните“ новинари во Азербејџан

Додека во Азербејџан на 22 јули се прослави Националниот ден на медиумите, некои новинари ќе бидат поблагодарни од другите. 255 од нив добија бесплатни станови од владата за нивниот труд, пренесува ББЦ.

Националниот ден на медиумите го одбележува излегувањето на Акинчи, првиот весник на азербејџански јазик, во 1875 година.

Претходниот претседател на земјата, Хејдар Алиев, го започна годишното одбележување во 2010 година. Оваа година, неговиот наследник и син, Илхам Алиев, го одбележи со поголем број иницијативи, помеѓу нив и бесплатни станови, средства за развој на медиуми и повеќе средства за изградба на нов блок згради за новинари.

Просечната цена на еднособен стан на периферијата на главниот град Баку чини околу 50 илјади долари, додека просечната плата во земјата е 300 долари.

Ова не е прв случај кога новинарите во Азербејџан добиваат ваква награда. Владата спонзорираше изградба на прв блок згради за новинари во 2013-та година.

„Службениците знаат дека слободата на говор и слободата на медиумите нема да им овозможат никакви недостатоци во нивната работа. Затоа новинарите се мои помошници и благодарен сум на тоа“, рекол Алиев на церемонија во Баку за доделување на становите.

На друг настан, претходната недела, на кој Алиев бил назначен како „пријател на медиумите“, тој изјавил дека слободата на говорот е „целосно гарантирана“ во Азербејџан и дека не постојат ограничувања врз медиумите.

Невладината Фридом Хаус има поинаков поглед на работите. Земјата, според нивните анализи, ја класифицира како „неслободна“. Азербејџан е рангирана и на 162 место од 180 земји вкупно, според индексот за слобода на медиумите за 2017 година на Репортери без граници.

„Искрено благодарни“

Реакциите на вестите за бесплатните станови биле поделени.

Основачот на еден од весниците, Јени Мусават, од каде четири новинари добиле станови, потегот го нарекол „гест на ценење на нивниот труд“.

Во уредничкиот коментар на про-владиниот вебсајт Хакин, каде уредникот, генералниот директор и сопственикот биле меѓу добитниците, пишува: „Искрено сме благодарни на претседателот и се надеваме дека нашите колеги ќе бидат меѓу оние на кои ќе им бидат дадени станови во новиот блок згради кој се прави за новинарите!“.

Познатиот истражувачки новинар Кадија Исмаил, која беше вознемирувана поради нејзините истражувања на корупција, ги пофали новинарите кои „одолеале на алчноста и не прифатиле станови како мито“. „Вашиот дом е во вашите срца!“, рекла таа.

„Не постои нешто такво како бесплатен стан. Јасно е какви морални задолженија ќе имаат сега, оние кои го примиле овој луксузен подарок“, изјавил новинарот Камал Али.

Уште подиректна критика на целата ситуација беше карикатура која се проширила на социјалните мрежи. На неа бесплатните згради се нацртани во облик на големи задници, додека пред нив во ред, нестрпливо чекаат да влезат новите сопственици.