[Интервју] Евгениј Хоуп: Морав да се впуштам во самотничко патување за да научам да уживам во сопственото присуство

Евгениј Хоуп (Милош Димковски), е млад писател кој неодамна ја објави својата втора книга „Годините кога научив да летам“. Она што е невообичаено е што содржината на својата книга, тој ја базира на неговите вистински авантури, кога патувал повеќе од 30.000 километри автостоп низ Европа. За Радио МОФ, тој зборуваше за своето искуство, потребата за номадски живот и идните планови.

„Годините кога научив да летам“, иако фикција, е базирана на твојата авантура, на која помина повеќе од 30.000 километри автостоп низ Европа. Зошто тргна на ова патување и што од него научи?

Поточно, мојот најнов роман „Годините кога научив да летам“  е автобиографска фикција, инспириран од спознанијата и стекнатото искуство додека стопирав низ Европа. Сé започна од еден повик кој ромонеше во мене, кој ме примамуваше да напуштам сé во животот и да се впуштам во една животоменлива авантура, за која немав јасна слика што ќе ми донесе. Кога успеав да се доближам до тој звуковен извор, сфатив дека станува збор за едно внатрешно понирање во себеси, едно онострано патешествие кое на виделина се труди да ми ги доближи потребните одговори за моето постоење. Од мигот кога ги сфатив елементите на авантуристичкото патување, знам дека никогаш нема да престанам да ги следам патоказите на животот.

Колку време и каде патуваше?

Уште од средно школо решив да патувам, но официјално автостоп патувања почнаа да се реализираат летото 2014 и досега го имам изминато најголемиот дел од Европа. Почнувајќи од Холандија, Белгија, Луксембург, Франција, Италија, Швајцарија, па сé до Данска, Шведска, Полска, Германија…

Нагонот, потребата да се патува и талка, најчесто ја носи потребата да се најде поголем мир, или дом. Го пронајде ли тоа место (или пак можеби, чувство) на своите патувања? Што воопшто значи за тебе зборот „дом“?

Себедефинирање на трагач остава голем простор да го спознаваш сопствениот живот. И променливоста на конкретните нешта, секогаш остава простор да се натераш себеси да ги надминеш истите. За многумина „дом“ е местото каде што се родени, за мене домот не е место, тоа е чувство.

Колкав дел од авантурите на ликот Михаил, се всушност твои? Може ли да се каже дека „Годините кога научив да летам“, на некој начин е автобиографска книга?

Како што се изјаснив погоре, романот е автобиографска фикција и главниот материјал обработен во приказната се моментите низ кои имам поминато, претставени на симболичен начин преку потрага на еден остров за кој главниот лик смета дека ќе си ја најде својата припадност и вдоменост. Секој означен град, на пример: Ајндховен, Антверпен, град Луксембург, Берлин, Копенхаген… се лично посетени од мене, како и настаните, кои ако добро се расчленат слободно може да се види паралелата помеѓу реалноста и фикцијата.

Три години на пат не е малку време. Колку отстранетоста од досадниот, банален живот исполнет со секојдневни обврски и непотребни информации ти влијаеше, од аспект на твојот поглед кон светот и животот? Има ли повисоко филозофско значење таа твоја авантура?

Секој кој се идентификува како патник, талкач или трагач има желба да допре до повисок степен на спознавање. Така и јас, заситен од сета модернистичка лудорија, морав да се впуштам во самотничко патување, за на крај да научам да уживам во сопственото присуство. Тие истоштувачки моменти, предизвикувачки часови и спокојни секунди ме имаат научено повеќе за животот и себеси, отколку какво и да е друго образование.

Беше ли тешко да се вратиш на секојдневието после тие 30.000 километри? Ти беше ли туѓо сè што се случуваше во Македонија, додека траеше патувањето низ Европа?

Чудно е што кога ќе се вратам во Македонија после патување се чувствувам пријатно, барем додека сé уште е присутен номадизмот во мене. Но, после одредено време, кога ќе видам што сé се случува, чувствувам стегање на градите и преклопување во еден хронотоп каде неподносливоста е испрчена пред нос, кога секое друго место изгледа похумано и попријатно. Во последните години се придржував до својата родна земја, зошто сакав да ја завршам книгата, но еве, кога сега веќе е готова, можам слободно да отпочнам ново животно поглавје, некаде подалеку од Балканот. Само на тој начин ќе можам да продолжам да си ја пишувам сопствената животна приказна.

Доколку би можел некаде да отпатуваш и да не се вратиш, би го сторил ли тоа? Кое место би го избрал?

 Тоа ми е и целта, да најдам ново парче земја каде барем во наредниот период би престојувал. Азија ми изгледа доста прималива од оваа перспектива, веројатно Малезија, Тајланд или Виетнам би биле следниот животен исчекор кон кој ќе се стремам.

Многумина сонуваат да патуваат, но таа желба останува само тоа – желба. Пари, обврски, приврзаност кон други луѓе се само дел од нештата кои не спречуваат да тргнеме негде и да не се вратиме. Како некој кој живеел на пат три години, што би им препорачал на потенцијалните номади? Како да се тргне на пат и да се преживее подолго време, од финансиски и практичен аспект? Дај ни совет како искусен талкач.

Од моја перспектива, патувањето е многу лесен и остварлив исчекор. Буквално, чувствувам дека слободно можам да ја посетам која и да е држава или место во светот. На пример, да користат автостоп, тогаш нема да им треба пари за транспорт. Можеби ќе се плашат, но ќе го победат стравот така што ќе му забранат на умот да поставува прашања. За сместување е уште полесно, couchsurfing можноста, или волонтирање, на пример преку workaway – имаш сместување и храна, а за возврат треба да помагаш неколку часа на ден. Луѓето нека кампуваат, нека уживаат во планините, плажите и сите природни ресурси. Нека се спојат со природата, за да имаат што да раскажат и никогаш за ништо да се не колебаат во животот. Ако побараат, ќе најдат…

„Годините кога научив да летам“ е твој втор роман, после „Парада на марионетките“. Што понатаму, работиш ли можеби на нешто ново?

Во последните неколку месеци сосема се истрошив, сега имам потреба од заслужено патување и отпочнување на ново животно поглавје. Не знам што ќе ми донесе животот, но подготвен сум да се следам себеси.

Стефанија Тенекеџиева