Срушен или не, Скопје 2014 прескапо ја чини Македонија и нејзиното културно наследство

Рушење, пренамена или гледање на последиците секој ден, доколку градот остане ваков? Што треба да се прави со Скопје 2014? Токму на ова прашање вчера дебатираа претставници на институциите и експерти од архитектурата и културното наследство.

Ниедна влада не сака да ни да зборува за рушење, вели архитектката Сања Раѓеновиќ Јовановиќ. Но, за некои од објектите кои изникнаа во Скопје во изминативе години, таа смета дека е поисплатливо да се срушат, отколку одржуваат и поправаат.

„Дека отстанувањето на некои проекти ќе не чини пари е вистина. Но, доколку останат или не се пренаменат, ќе не чини многу повеќе, затоа што се опасни по живот“, вели Раѓеновиќ Јовановиќ.

Според неа, не е страшно кога политиката се меша во архитектурата, особено кога се работи за капитални објекти кои само државата ги финансира и нарачува. Но, политичарот треба да покаже доволно мудрост, знаење или умеење да препознае квалитет и да ангажира стручни лица.

„Во овој момент, политичарот мора да покаже барем пресметан ризик дека мора да реагира. Затоа што, ако оставиме ова да се случува и не направиме ништо, ќе покажеме дека ништо не сме научиле и ништо не сме разбрале“, дополнува таа.

Архитектката како особено ризични ги потенцира објектите изградени на коритото на реката Вардар.

„Од архитектура никој не умрел, ама од поплави да. Ние имаме званичен податок дека во последните два века се забележани 11 катастрофални поплави во градов. Деловите од текот на Вардар кој е проширен и има делови за рекреација крај реката, се најкритични точки доколку дојде до поплава. Објектите изградени таму (како мостовите и галиите н.з.) се опасни по живот“.

Раѓеновиќ Јовановиќ тврди дека висината и профилите на мостовите „кои не водат никаде“ се сериозна закана, а за овие мостови да се изградат, сменет е Законот за регулација на реки. Додава и дека сите закони биле менувани за претходната власт да може да гради како што сака. Само Законот за градење, вели, е изменет 16 пати во последните четири години.

За арбитрарното менување на закони со цел градење на проектите, за кои јавноста гласно се бунеше, сведочи и Донка Барџиева Трајковска од Центарот за културно наследство.

Таа вели дека според Членот 44 од Законот за заштита на културното наследство, одземен е статусот на културно наследство на многу вакви објекти за да можат да се „барокизираат“ нивните фасади.

„За жал, законски сиве овие промени се оправдани и возможни. Според постојаната законска рамка, се нудат многу можности заради начинот на кој се срочени членовите за различно толкување. Дополнително, амандмански ги менувале многу брзо, за целиот закон и сите постапки кои беа донесени да бидат во рамките на законот и процедурата да биде до крај запазена“, вели Барџиева Трајковска, инаку по професија историчарка на уметност.

Таа додава дека вкупно 131 објект бил избришан од листата на згради кои се сметаат за културно наследство, а на повеќето од им се сменети фасадите. Многу од одобренијата и одлуките оделе преку Министерството за транспорт и врски, бидејќи под негова контрола е Катастарот. Напоменува и дека многу згради кои немале статус на културно наследство, но се од голема важност за јавноста и јавниот простор, како Владата на РМ, настрадале поради флексибилноста на законите за заштита.

„Катастарот е тој кој може да дозволува или ограничува менување на градба, а за менување фасади, статусот Културно наследство пречи. Откако тој статус ќе им се одземе на зградите, фасадите можат да се менуваат како што сакаат“, дополнува.

„Ако ме прашате мене дали Скопје 2014 ќе го рушиме, дали нешто ќе се дислоцира или ќе се пренамени, бидејќи сум легалист, мислам дека треба да се поминат сите правни процедури. Надлежноста за решавање на овој проблем, ја има Парламентот“, заклучува Барџиева Трајковска.

Токму поради комплексноста на прашањето дали треба да се руши или не, министерот за култура, Роберт Алаѓозовски, вели дека решението за Скопје 2014 не може да биде негова одлука, ниту пак само на Владата.

„Размерот на трагедијата со која овој проблем не соочува, нужно бара да биде вклучена и меѓународната јавност“, вели тој.

Во програмата на новото Министерство за култура пишува дека во првите шест месеци ќе изврши ревизија и ќе поведе меѓународен конкурс за идни решенија што да се прави со Скопје 2014, кои потоа ќе бидат дадени на јавна расправа.

Во однос на проектите планирани со СК2014, а кои моментално се во тек, конкретно Споменикот на Мајка Тереза и реконструкцијата на Старата градска чаршија, тој вели дека ќе биде формирано координативно тело составено од инженери, архитекти и познавачи на културното наследство. Вели дека постојано е во контакт и со сопствениците на дуќани на Чаршијата.

„Се уште немаме став. Дури и да имавме став – да речеме, „Ќе го рушиме Скопје 2014!“, јавната расправа ни е многу битна за било која одлука. Да се случеше тоа претходно, некој да ги послушаше граѓаните, Скопје 2014 веројатно немаше да се случи“, заклучува министерот.

Раѓеновиќ Јовановиќ апелира дека е неопходно формирање тело составено исклучиво од архитекти, инженери и проектанти, кое ќе се бави со санирање на штетата нанесена со Скопје 2014.

„Јас најодговорно тврдам дека објектите како Археолошкиот музеј, Јавното обвинителство, Министерството за надворешни работи треба да ги нема, бидејќи се опасни по живот“.

Како потенцијални ризици кои контроверзниот проект може да му ги нанесе на градот, беа спомнати и фасадите со орнаменти изработени од лесни материјали, кои многу лесно горат. Меѓу присутните се наоѓаше и архитект и доктор на градежна физика, кој потенцира дека кулата Гренфел во Лондон лесно би можела да го снајде и Скопје, доколку не се преземе нешто за овие „вертикални оџаци под фасадите“, како што ги нарекува. Дополнително, беше спомната и потребата за релокација на Државниот архив, кој како трезор на безброј значајни документи, не смее да биде изложен на ризик од поплавување од Вардар.

Стефанија Тенекеџиева