Започна Јулин фестивалот на храна од кучешко месо и покрај шпекулациите за забрана

Контроверзниот фестивал за специјалитети од кучешко месо започна во кинескиот град Јулин, и покрај претходните јавувања дека ќе биде укинат или ограничен годинава.

Фестивалот на кучешко месо се случува еднаш годишно, во провинцијата Гуангџи. На почетокот на годинава, активисти од САД тврдеа дека продавачите добиле наредба од властите да не продаваат кучешко месо.

Но, сопствениците на тезги за ВВС изјавиле дека не слушнале ништо такво од градските власти. На 15 мај, од општината потврдија дека нема да има забрана.

Во среда беше јавено дека во Јулин можат да се видат мртви кучиња кои висат од шипки на пазарот Донгку, најголемиот во градот. Имало и јавувања за зголемен број на полицајци по улиците.

Една активистка за ВВС изјавила дека била спречена од полицијата да влезе на пазарот Дашичанг, каде верува дека се продавале живи кучиња.

Во изминатите години имаше пресметки меѓу сопствениците на тезги и активистите кои се обидуваа да ги спасат кучињата кои требало да се испратат на колење.

Јадењето на кучиња не е илегално во Кина, но фестивалот предизвикува протести и апели за укинување секоја година, како во земјата, така и во странство.

Жителите и продавачите велат дека животните се убиваат „на хуман начин“, но критичарите тврдат дека се пренесувани од другите градови во мали, тесни кафези пред фестивалот, а потоа се брутално убивани.

Тврдат и дека многу од животните се украдени миленичиња.

Локалната власт во Јулин постојано повторува дека не е официјален организатор на фестивалот, па не може да го забрани.

Активистите пресметуваат дека во годините кога фестивалот бил најпосетуван, околу 10.000 кучиња и мачки биле убиени и изедени за време на 10-дневниот фестивал.

Во кинеската култура, се смета дека кучешкото месо е добро да се јаде за време на жешките, летни месеци.

Традицијата на јадење кучиња датира од пред 500 години во Кина, Јужна Кореја и другите земји, но Јулин фестивалот се одржува помалку од една деценија.