Еден починат и 10 повредени во напад со автомобил пред џамија во Лондон

Возило прегази пешаци во близина на џамија во северен Лондон изминатата ноќ, убивајќи еден маж и повредувајќи уште 10 лица во случај кој полицијата го истражува како потенцијален терористички напад.

Полицијата вели дека 48-годишниот маж кој го возел автомобилот е уапсен и однесен во болница како мерка на претпазливост. Ќе му биде извршена и проценка на менталното здравје.

Нападот се случил додека мултиетничкото соседство било преполно со муслимани кои ја напуштале џамијата во Финсбури парк, после молитвата за Рамазан. Муслиманските лидери го нарекоа кривично дело од омраза, и побараа од јавноста да остане мирна.

Полицијата вели дека возачот бил задржан од јавноста додека да дојде полицијата.

Нападот се случил кратко после полноќ, кога на полицијата ѝ било јавено дека дошло до судар меѓу возило и пешаци. Веднаш пријавиле дека осуммина од повредените се хоспитализирани, а другите двајца имале помали повреди и им била пружена медицинска помош на местото на настанот.

Џамијата во Финсбури Парк била поврзувана со екстремистичка идеологија неколку години после нападите на 11 септември во Њујорк, но била затворена и реорганизирана. Не ја поврзуваат со радикални гледишта повеќе од една деценија.

Лоцирана е на пешачка дистанца од Стадионот Емирати, домот на фудбалскиот клуб Арсенал во северен Лондон.