Израелскиот автор Дејвид Гросман е добитник на меѓународната Букерова награда за 2017 година

Романот „Коњ влегува во бар“ на израелскиот автор Дејвид Гросман е добитник на меѓународната Букерова награда за најдобра преведена проза во 2017. Книгата ја раскажува приказната за стенд-ап комичар под име Довалех Гринштајн, кој настапува во клуб во мал град во Израел. Романот целосно се фокусира на неговите вулгарни скечеви, и на причините за неговата агресивност кои набргу се разоткриваат.

Според критичарите, неговиот роман „фрла светлина врз последиците на тагата без каква и да е сентименталност“.

Добитникот оваа година наградата ја дели со својата преведувачка Џесика Коен, со која има соработувано и на претходен роман, „До крајот на земјата“.

Гросман е автор на едни од најдобрите прозни бестселери и детски книги и е преведуван на 36 јазици. Тој е одликуван со високи признанија, како што е францускиот Орден на честа од областа на уметноста и културата. Неговиот роман беше одбран за Букеровата помеѓу 126 други наслови, од кои во финалето влегоа шест.

Меѓународната Букерова награда е воведена во 2004, како дополнување на „главниот“ Букер. До 2016 се доделуваше секоја втора година на жив автор од која и да е националност за серија дела објавени на англиски или во превод на англиски. Од 2016 таа се доделува еднаш годишно, на само една книга во превод на англиски, со тоа што наградата од 56.000 евра се дели помеѓу авторот и преведувачот. Лани добитничка беше Хан Канг од Јужна Кореја за „Вегетаријанката“.