„Скопје сака птици“ – одбележување на Светскиот ден на птиците преселници

„Скопје сака птици“ е мотото на прославата што ќе се одржи денеска напладне во Градскиот парк, по повод Светскиот ден на птиците преселници.

Прославата ја организира Македонското еколошко друштво кое преку квизови, игри, креативни задачи и набљудување птици, сака да потсети дека и тие се жители на градот.

„Сакаме заедно со скопјани да ги прославиме пристигнатите птици преселници и да им посакаме успешно гнездење. Потребно е одржливо управување со природните ресурси, со секое дрво и секоја водена површина, потребна е природа во Скопје“, велат организаторите.

Годинашна тема на Светскиот ден на птиците преселници е „Нивната иднина е и наша иднина – Здрава планета за преселни птици и луѓе“.

„Птиците преселници и луѓето ја делат истата Планета, а со тоа и истите ограничени ресурси. Птиците преселници се показатели за здрава планета и функционални еко-системи бидејќи нивната миграција ги поврзува континентите“, од Македонското еколошко друштво.

Исчезнувањето на местата каде што одмораат е една од главните причини за нагло намалување на нивната популација, во одредени случаи дури и до 80 отсто од 2000 година наваму. Се смета дека пресушувањето на водните површини, деградирањето на хабитатите и неодржливиот лов се најголемите закани за птиците. Светскиот ден е кампања што ги слави птиците преселници и повикува на нивна подобра заштита.