Прв ден без енергија од јаглен во Британија од Индустриската револуција

Велика Британија помина цел ден без да користи јаглен за да генерира електрична енергија, по прв пат од Индустриската револуција, соопшти вчера електроснабдувачот „Национал Грид“, пренесува ББЦ.

Компанијата за пренос на енергија изјави дека моментот што не се употребува јаглен претставува „пресвртница“.

Најдолгиот непрекинат енергетски период без јаглен досега бил 19 часа, постигнат минатиот мај и повторно во четвртокот. Владата планира да ги изгаси последните електрани на јаглен во Британија до 2025 година, со цел да се намалат емисиите на јаглерод.

Петокот е прв пат кога нацијата не употребувала јаглен за генерирање електрична енергија од првиот светски јавен централизиран генератор на јаглен, отворен во 1882 година, во Холборн Вијадукт во Лондон.

„Да имаме прв работен ден без јаглен од стартот на индустриската револуција е момент на пресвртница за тоа како се менува нашиот енергетски систем. Велика Британија има придобивки од разновидните и флексибилни извори на електрична енергија. Нашиот енергетски микс продолжува да се менува и нашата компанија го прилагодува оперирањето за да ги прифати овие промени“, рекла Корди О Хара од „Национал Грид“.

Според Гридвач.цо.ук, околу половина од енергијата во Британија во петокот дошла од природен гас, додека четвртина од нуклеарните централи. Користени биле и енергија на ветер, биомаса и електрична енергија од увоз.