Баневски од 24Вести: Добив удар со знаме во глава, постојано на протестот не нарекуваат „предавници“

Новинарот Христијан Баневски од 24Вести синоќа како гостин во емисијата „Мој Термин“ сведочеше за вербалниот, а потоа и физички напад врз него на протестот на иницијативата „За заедничка Македонија“.

Тој потенцира дека екипата на 24Вести била присутна уште на самиот почеток од протестот. Како што пристигнувале демонстрантите, така кон нив биле упатувани навредливи зборови.

„Но, ние сме веќе на одреден начин навикнати на тоа, не го ни перцепираме, па не ни го пријавивме. Меѓутоа, она што се случи – кога започна маршот се обидов пред тракторите да снимам ’стендап’ (снимка на новинар пред камера од самото место н.з.). Во тој момент настана метеж и тогаш организаторите реагираа. Рекоа ’Оставете ги, нема снимаат’. Но, и покрај апелот од организаторите, на нашата екипа и беше попречувано да го сними ’стендапот’. Ни застануваа пред камерите со одредени гестикулации, не прашуваа дали не ни е срам да се појавиме на протестот…“, раскажа Бановски.

На тоа не реагирале, па дури откако успеале да си ја завршат работата и се упатиле кон колоната за да направат инсерти, тогаш биле нападнати од едно лице, кое во рацете носело знаме.

„Се приближи до мене, ја погледа ознаката на мојот микрофон (24Вести н.з.) и тогаш замавна со сета сила и ме удри во пределот на главата. Ме удри со стапот од знамето. За среќа јас сум добро, но во тој момент болеше“, рече Баневски.

Решил да реагира и да го пријави инцидентот кај организаторите. Односно, отишол кај  Богдан Илиевски, во јавноста познат како Бетмен Велит, му објаснил што се случило, на што добил одговор дека „лицата на кои им се доделени знамињата не знаат да ги веат“ и дека и „другите луѓе од толпата несакајќи можеле да бидат удрени со знамињата“.

За овие 12 денови како ги следи протестите на „За заедничка Македонија“, Баневски вели дека односот кон новинарите се менувал. На првите протести, вели тој, било неподносливо за сите новинарски екипи да си ја сработат задачата на терен.

„Беше невозможно да се направи анкета. Тоа малку се стабилизираше кога се случи нападот врз екипата на ’А1он’. Нашата екипа во тој период од страв ја вадеше ознаката (24Вести) од микрофонот. По нападот, веќе следните денови ние успевавме да направиме анкета, разговор. Луѓето беа поотворени кон новинарите, имаше покоректен однос… Сето тоа повторно се промени пред неколку денови кога повторно ја носевме ознаката, за да, еве, повторно ескалира и дојде до повторен физички напад врз новинарска екипа“, раскажа Баневски.

Тој потврдува дека 24Вести постојано на протестите добиваат, како што вели, класични навреди од типот на „предавници“, „комуњари“, „платеници“, „како не ви е срам да се појавите овдека“, „вие работите против државата“…

„Тоа се тие константни етикети кои ги добиваме кога ќе пробаме да земеме изјава, или кога воопшто сме присутни на терен“, вели Баневски.

Фото: Принтскрин од емисијата „Мој Термин“