800 луѓе се нахранети со остатоците од храната послужена на „Оскарите“

Актерката Фрида Пинто и непрофитната организација „Копиа“ се здружија за хуманитарна акција. Тие се погрижија огромната количина на остатоци од храната што се служеше за време на церемонијата за „Оскарите“ да не биде фрлена, туку да се донира на оние кои имаат потреба.

Актерката, заедно со организацијата во Сан Франциско, ја презедоа одговорноста да ја дистрибуираат храната од оскаровата забава до разни заедници во Лос Анџелес на кои им е потребна храна.

Но, ова не е првпат да се случи слична акција при ваква свечена церемонија.

Изминатите 23 години, врвниот готвач Волфганг Пак приготвува храна за Гувернерскиот бал, церемонијата за „Оскарите“ и забавата. „Готвачи за крај на гладта“, друга непрофитна организација, во соработка со Пак, изминатите шест години дистрибуира остатоци од храната на „Оскарите“ до ресторани и заедници.