Митот за „платени демонстранти“ кој почна да влијае на правниот систем во САД

Таино Борел никогаш го немал слушнато терминот „платен демонстрант“ во неговото учество во политички активизам. Но во јануари, неколку часа по инаугурацијата на Доналд Трамп, додека 38-годишникот учествувал во протесниот марш, заедно со 10 илјади други активисти во Аризона, една жена, веројатно охрабрена од победата на нејзиниот кандидат, му го упатила тој термин.

„Тоа е чудно. Во тој случај сакам да ги добијам парите“, се сеќава Борел што му паднало на ум тогаш.

Репортерката на „Vice“, Али Конти, пишува дека изборот на Трамп очигледно не направил ништо за да се намали огорченоста и бесот кои ги делат Соединетите Американски Држави. Милиони луѓе излегоа на улица да демонстрираат отпор, а тоа истовремено значеше дека милиони други луѓе сметаа дека протестите не се спонтани, туку спонзорирани и креирани од групи во сенка, кои говорат во името на мало малцинство Американци.

Терминот „платен демонстрант“ не беше само теорија на заговор, туку и наратив кој го користеше претседателот во својата кампања – како „професионални анархисти“ и „насилници“ кои работат да ја спречат неговата агенда.

Така се карактеризираа и лутите реакции на граѓаните при средбите со претставници на Републиканската партија претходниов месец. Трамп фрустрацијата ја отфрли како задача на уфрлени агитатори. Неговата реакција ја прифатија и други републиканци.

Оваа идеа може лесно да се отфрли како рутина на делегитимација на политичките противници. Но, оваа идеја влијае на вистински политики – минатата недела, Сенатот во Аризона гласаше за поддршка на закон кој би ги ставил во затвор организаторите на протести кои би се претвориле во насилни, користејќи го истиот закон кој се користи за борба со организиран криминал. Сега митот, кој го пропагираа сајтови на теории на заговор, е повод за закон кој ги става активистите во иста категорија како членови на Мафија.

„Мислам дека републиканците се обидуваат да ги искористат насилните демонстрации како средство да ги етикетираат сите демонстранти во негативен контекст и да ги предизвикаат правата од Првиот уставен амандман. Во Аризона нема причина за такво нешто“, вели Кејти Хобс, член на демократите во Сенатот на Аризона, која објаснува дека во оваа американска држава ретко има поголеми протести од илјада луѓе.

Антифашистот Борел од Аризона, за „Vice“ објаснил дека е бесцелно да се протестира против ваквиот закон, бидејќи поддршката е поделена помеѓу партиите, додека законодавните тела се под контрола на републиканците. Но, тој напоменува дека во неговата кариера на агитација, никогаш не видел претседател или јавна личност, која толку многу сака да го дискредитира тоа што го прават тој и другите незадоволни граѓани.

Огромните протести, скоро секогаш се организирани од групи, кои често се поддржани од богати индивидуи, без оглед дали политиката е либерална или конзервативна, се додава во текстот.

Бен Виклер е директор во Вашингтон на MoveOn.org, сајт кој често е споменуван во теориите на заговор за платени демонстранти и често се обвинува дека е воден од либералниот милијардер Џорџ Сорос, озлогласен лик кај десничарите. Виклер објаснува дека неговата организација буквално е огромна мејлинг листа која се одржува од околу 45 луѓе, кои испраќаат петиции, сугерираат начини на кои прогресивците можат да ја прошират својата агенда и бараат донации – од кои просечната е 26 долари.

Тој вели нивната донација на десетици илјади долари кон подготовка на последниот марш во Вашингтон не значело дека луѓето кои учествувале во него биле нешто помалку вистински или помалку фрустрирани од другите поголеми протести кои се случиле претходно.

„Има разлика од плаќањето за мегафони и за видео-ѕидови и плаќање за луѓе да се појават на некој настан“, додава Виклер.

Сепак, десничарските медиуми инсистираат дека нешто сомнително се случува, додека повеќе сајтови тврдеа дека Сорос плаќа за организирање на демонстрации или немири низ земјата.

Но, кога се зборува за „платен демонстрант“, се мисли на буквално плаќање на демонстрантите пари за да глумат ентузијазам или некаква кауза. Овој мит повторно оживеа за време на инаугурацијата на Трамп, кога сајтот опседнат со заговори „Infowars“ се нафрли на постоењето на сајтот DemandProtest.com, кој наводно нудел осигурување за „оперативци“ кои ќе носат маски на Анонимуси и кои ќе прават немири во Вашингтон. Иако, „Infowars“ тоа го објави како доказ за голем заговор, испадна дека веројатно се работи за лажен сајт и настан.

Сега, Виклер вели, идејата дека организации како неговата регрутираат луѓе и им плаќаат 1500 долари да извикуваат против републиканците, не само што е смешна, туку и неверојатна по математиката на теоретичарите на заговори, по фактот дека 100 илјади луѓе беа присутни.

„Нема шанси да се задржи приказна од такво огромно ниво. Ќе има голем број докази. Плус, тоа би било најглупавиот начин кој може да се замисли за да се потрошат 150 милиони долари на политика.