Врховниот суд на Русија нареди да се ослободи опозицискиот активист Илдар Дадин, кој беше првиот и единствен човек осуден по новите промени на законот за протестирање.
Судот соопшти дека треба да се отфрли криминалниот прогон против него и дека има „право на рехабилитација“, јавуваат руските медиуми, пренесува ББЦ.
Дадин, затворен во декември 2015 година, беше осуден на 2 и пол години поради серии протести. Минатиот ноември тој изјавил дека бил мачен во затворот во северозападна Русија. Властите ги отфрлија овие тврдења, но го префрлиле Дадин во друг затвор.
Тој бил осуден според новиот закон, член 212.1, поради серија на мирни протести кои често вклучувале мирно стоење на улица со транспарент. Според овој член прекршување на строгите правила на протест повеќепати во низа е кривично дело.
Претходно овој месец, Уставниот суд на Русија одлучи дека членот 212.1 не треба да се применува во случаи каде протестите не претставуваат закана и одлуката беше испратена за проверка од Врховниот суд.
Дадин преку видео врска се појавил на денешното судење и ја положил главата на масата во протест што не му било дозволено да биде лично присутен за соопштување на одлуката.
Новинарката на ББЦ, Сара Рејнсфорд, која го следела процесот, објаснува дека затворањето на Дадин ја симболизирала растечката нетолеранција кон незадоволството, додека фактот дека неговата казна е укината не ја менува таа атмосфера.
„Веројатно чувањето на активисти зад решетки станува непријатно за Русија, со зголемениот меѓународен фокус на случајот со Илдар Дадин и кампањата овде за негово ослободување. Минатата година, за неговите обвинувања дека му се врши тортура известија голем број медиуми. Но, законот против него останува на сила. И, доколку високата казна беше наменета да ги одврати другите од уличен протест, повеќето активисти со кои разговарав мислат дека тоа веќе функционира“, објаснува Рејнсфорд.
Според членот 212.1 од кривичниот законик на Руската федерација, се казнуваат оние кои ќе ги прекршат правилата за протест во Русија три пати во 180 дена. Казната почнува од околу 10.000 долари глоба, до пет години затвор.
Дадин е единствениот човек против кого е покренат судски процес по стапувањето на сила на новата законска измена.