Амнести Интернешнал: Внатрешниот политички судир ги забави истрагите на СЈО за висока корупција

Забавени истраги за висока корупција поради политичкиот судир во Македонија, дискриминација на Ромите и лоши услови за бегалците и мигрантите. Вака Амнести Интернешнал ја сумира Република Македонија за изминатата 2016 година, во најновиот извештај за состојбата со човековите права во светот.

Во делот за судскиот систем, се наведува дека Специјалното јавно обвинителство, формирано за да ги истражи лицата вклучени во скандалот со прислушкување и криминали на личности од политиката, продолжува да се соочува со притисок во вршење на нивната работа. Додека Парламентот ги одбил предлозите за продолжување на рокот на Обвинителството за завршување на истрагите до јуни 2017 година, како и подобрување на заштитата на сведоците вклучени во истрагите.

Во извештајот се наведува и реакцијата на Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) од каде е упатена жалба до Македонија за третманот на 53 Роми кои биле присилно расселени од скопската населба „Полигон“ во август, со што тие останале во шатори и импровизирани засолништа.

Се наведуваат и околу 600 бегалци од Косово во периодот 1999-2000,претежно Роми, кои остануваат во ризик да загубат пристап до основните животни потреби и права, поради тоа што службите продолжуваат да го проблематизираат нивното право да останат во државата на основа на национална безбедност.

„До крајот на годината на преку 80 од нив, вклучувајќи и 30 деца, им бил повлечен заштитениот бегалски статус, откако не поминале рутински безбедносни проверки кои се дел од годишната обнова на нивниот привремен статус на заштита. Содржината на безбедносните проверки не била споделена со апликантите и не може да биде оспорена пред судовите. Жени Ромки, чиј заштитен бегалски статус не бил обновен, вложиле жалба до ЕСЧП“, стои во извештајот.

Во последниот дел за Македонија, извештајот се задржува и на третманот на бегалците и мигрантите на јужната граница со Грција. Споменати се осум лица од Сирија, Ирак и Авганистан кои се жалеле до ЕСЧП за нивното присилно протерување од Македонија во Грција во март, додека се наведуваат и критиките на Високиот комесар за човекови права на ОН за лошите услови за стотици бегалци и мигранти кои пристигнале во Македонија пред затворањето на границата и биле задржани во несоодветни транзитни центри на јужната и северната граница, како и во центарот за азил во Гази Баба.

„Де факто притворањето на нелегални мигранти и баратели на азил продолжува да се врши без законски основи и без можност притворените да ја оспорат законитоста на нивниот притвор“, се додава во извештајот.

Генералната оценка според Амнести Интернешнал е дека постои глобална пресметка против човековите права и дека 2016 била година на „нас против нив“ – година во која популистички лидери издвојувале групи на луѓе како закана за националните интереси.

Организацијата посочува дека може да дојде до целосен колапс на основата на универзалните човекови права доколку се зголеми бројот на држави кои ги ограничуваат човековите права во име на националната безбедност.

„Време е да застанеме заедно и да ставиме крај на политиката на демонизација, која создава поделен и опасен свет. Со годишниот извештај, Амнести Интернешнал ги повикува луѓето од целиот свет да не дозволат реториката на страв, обвинувања и омраза да ја нарушат визијата за отворено општество базирано на еднаквост. Ако секоја индивидуа заземе став и делува во заштита на човековите права, заедно можеме да ги свртиме работите“, стои во уводот на годишниот извештај.

Според извештајот во кој се опфатени 159 земји од светот, во најмалку 23 од нив минатата година биле сторени воени злосторства, 36 држави нелегално вратиле бегалци во земји каде нивниот живот бил во ризик, додека во 22 држави биле убиени луѓе поради мирна одбрана на човековите права.