Волонтерите на „Чист Охрид“ го чистеа ѓубрето кај Рамне

Екипата на „Чист Охрид“ вчера ја посети локацијата во Рамне, локација за која претходно локалните медиуми пишуваа дека е опкружена со огромна количина на отпад.

Пластични шишиња, делови од WC школки, искршени пластични столици, стаклени тегли, градежен шут, најлонски кеси, како и еден двосед, биле дел од предметите кои овие волонтери ги затекнале додека чистеле.

 

„Но, најлошиот дел се состоеше од голем број употребени шприцови и игли, од кои еден дел беа надвор од пакувањето и исклучително небезбедни за собирање, како и голем број употребени презервативи. Главната причина за ова, освен недостигот на свест кај граѓаните, секако е и зафрленоста на локацијата, која очигледно се користи како депонија. Нашите волонтери собраа неколку вреќи ѓубре, но би сакале да истакнеме дека се работи за огромна количина отпад, што може да се види и од видео материјалите, така што најавуваме дека нашата неформална организација ќе оперира на оваа локација подолг период со цел отпадот да биде отстранет“, велат од „Чист воздух“.

Информираат дека медицинскиот отпад што го собрале е соодветно складиран во контејнер за медицински отпад. Воедно, апелираат до надлежните да ги ангажираат сите достапни капацитети за отпадот на оваа локација да биде целосно отстранет.