Забранети токсични хемикалии пронајдени во најдлабоките места на Земјата

Научниците откриле „вонредно високи“ нивоа на токсични загадувачи во најодалеченото и најнедостапното место на Земјата – 10 километри длабоката Маријанска бразда во Тихиот Океан.

Малечки ракчиња кои живеат во темните водени длабочини на браздата, уловени од подморница-робот, биле загадени со 50 пати повеќе токсични хемикалии отколку крабите кои живеат во високо загадените реки во Кина.

Присуство на хемикалии произведени од човек на најнедостапните места на планетата покажува дека не постои безбедно место од влијанието на човекот, велат научниците.

„Сè уште мислиме за океанските длабочини како за недостапни и недопрени места, сигурни од човечките влијанија, но нашите истражувања покажуваат дека, за жал, тоа е далеку од вистината“, вели за Гардијан Алан Џамисон од Универзитетот во Њукасл во Велика Британија, кој го предводеше истражувањето.

Лименка пронајдена на длабочина од 4947 метри во Маријанската бразда

„Фактот дека најдовме толку високи нивоа на овие загадувачи, повторно го става прашањето за долгорочниот, катастрофален ефект кој човештвото го прави врз Планетата“, додава тој.

Тимот на Џамисон идентификуваше два типа на високо токсични индустриски хемикалии кои биле забранети во доцните 1970-ти, но не се разложуваат во природата – познати како постојани органски полутанти (ПОП). Овие хемикалии претходно биле најдени во високи количества кај Инуитите на канадскиот Арктик и кај китовите убијци и делфини во западна Европа.

Истражувањето, објавено во научниот журнал „Природа Екологија и Еволуција“, покажува дека ПОП хемикалиите стигаат до најдлабоките делови од океаните со пропаѓањето на мртвите животни и честичките пластика. Хемикалиите се собираат во мастите и се појавуваат низ повеќето врсти во синџирот на исхраната на животните. Истовремено се и водоотпорни па се задржуваат на пластичниот отпад.

„Самото дно на длабоките бразди, како Маријанската, се населени со неверојатно ефикасни животни „чистачи“, како ракчињата долги два центиметри кои ги испитувавме, кои се собираат во голема бројка и го проголтуваат целокупниот органски материјал кој тоне на дното“, вели Џамисон.

Тој објаснува дека не било неочекувано да се најдат остатоци од ПОП хемикалиите во најдлабоките делови од океаните.

„Кога оди до дното во браздите, веќе нема понатаму. Изненадувањето беше во количините – кај животните, загадувањето беше неверојатно високо“, додава.

Резултатите се истовремено и значајни и загрижувачки, смета морската екологистка Кетрин Дафорн од Универзитетот Нов Јужен Велс во Австралија.

„Браздите се многу оддалечени од било каков индустриски извор и сугерираат дека ширењето на овие полутанти се случува на долги растојанија и покрај регулацијата по 1970-тите. Сè уште знаеме повеќе за површината на Месечината отколку за океанското дно“, истакнува Дафорн.