Алексеј Навални, рускиот предводник на опозицијата, беше прогласен за виновен за проневера и доби петгодишна условна казна, со што нема да може да се кандидира за претседател на изборите следната година како противкандидат на Владимир Путин.
Навални, кој ги отфрла обвинувањата, веќе соопшти дека и покрај судската пресуда ќе ја продолжи кампањата, иако сè уште не е познато дали тоа е правно изводливо.
Судот од провинцискиот град Киров, пресуди дека Навални направил проневера со компанија за дрва во вредност од околу 500 илјади долари. Неговата осуда доаѓа по повторно судење, откако Европскиот суд за човекови права пресуди дека првичниот процес не бил фер.
40-годишниот опозициски лидер е познат по неговата анти-корупциска кампања против високи претставници блиски до власта. Тој смета дека процесот е политички мотивиран и дека покажува како Кремлин го смета премногу опасен за да учествува во изборната кампања, истовремено најавувајќи дека ќе ја обжали пресудата.
„Не ја признаваме пресудата. Имам право да учествувам во изборите според Уставот и тоа ќе го направам. Ќе продолжам да ги претставувам интересите на граѓаните кои сакаат да ја видат Русија нормална, чесна и некорумпирана држава“, изјави Навални за новинарите откако судијата ја изрече пресудата.
Подемот на Навални во руската политика почна во 2008 година кога преку блогови пишуваше за големи злоупотреби и корупција во некои од најголемите компании во државна сопственост. Тој ја има наречено „Обединета Русија“ на претседателот Путин како „партија на измамници и крадци“, фраза која ја прифати дел од руската јавност. Во 2013-та година, изненадувачки за многумина, освои четвртина од гласовите за градоначалник на Москва.
Навални во последниот период ја засили својата политичка активност, откако соопшти дека има намера следната година да се кандидира за претседател. Путин, според Уставот, има право да се кандидира за втор последователен шестгодишен мандат, иако засега официјално нема изјавено дека планира да го направи тоа. Путин досега служеше вкупно три мандати како председател, но само два од нив последователно.
Според руските закони, секој е дисквалификуван од избор на јавна функција на 10 години доколку е осуден за сериозно кривично дело. Уставот забранува и кандидатура на граѓанин кој физички се наоѓа во затвор.
Портпаролот на Кремлин, Дмитри Пешков, ги отфрли обвинувањата на Навални за легитимитетот на изборите.