Конференција: Да верувате во етика во неслободни земји, е исто како да верувате дека од песок ќе изградите облакодер

Како новинар постојано ме прогонувало дилемата дали е можно да има професионално новинарство во неслободна земја, каде слободата на говорот е само мртво слово на хартија. Јас не верувам дека може да има професионално новинарство, такво како што го знаеме во слободни земји, како што се старите членки на ЕУ и САД, во неслободни земји како што е Македонија и најголем дел од Балканските земји. Да поверувате дека во неслободна земја можете да зборувате за новинарска слобода и етика, е исто како да верувате дека од песок можете да изградите облакодер, смета претседателот на Здружението на новинари во Македонија (ЗНМ), Насер Селмани.

Според Селмани, само слободните луѓе можете да ги повикате на одговорност за нивната евентуална неодговорност. Смета дека нема слободни медиуми таму каде нема вистиснки демократски инстититуции, демократски парламент, демократска влада, незавинсно судство.

„Тоа новинарство што постои во неслободни земји тоа повеќе наликува на граѓански активизам и отпор кон режимот, отколку што е автентична мисија на новинарите во слободните земји. Тие уште малку неосвоени медиуми преживуваат благодарение на новинарите кои упорно одбиваат да се откажат од нивната професија и на солидарноста на странските донатори. Замислете на што би личел македонскиот медиумски простор без медиумите што на еден или друг начин опстојуваат со помош на странски донатори?“, рече Селмани при своето излагање посветено на новинарската слобода и етика на конференцијата „Е-општество“, организирана од фондацијата „Метаморфозис“, а во рамки на проектот „Проверка на факти во медиуми“.

Ако е точна констатацијата дека нема разговор за новинарска етика во неслободни медиуми, вели тој, тогаш логички се поставува прашањето, зошто ЗНМ го промовира системот на саморегулација во неслободни медиуми?

„Инсистираме на тоа затоа што одбиваме волно да се откажуваме лесно од нашата слобода и не сакаме политиката и формално да ја обликува нашата професија. Освен тоа, преку саморегулацијата сакаме да оставаме трага за идните генерации за најлошите времиња на македонското новинарство за да не дозволат тоа никогаш да им се повтори. Идните генерации мора да имаат јасна трага за напрапниците во македонското новинарство и за оние новинари кои се спротивставувале на обидите за инструментализација на медиумите за политички и бизнис интереси. И тие две цели мислам дека сме ги постигнале“, рече тој.

Селмани потсети на публикацијата за етичкото известување на медиумите во европските земји и Македонија, која потврди дека деградицијата на новинарската професија е последица на деградацијата на демократскиот амбиент во Македонија. Но, после се, Селмани сака да ветува дека најлошото е зад нас, но нагласува дека тоа „не значи дека создавањето на слободни и професионални медиуми ќе биде лесна работа“.

„Важно е дека имаме јасна диагноза за заробените медиуми, сме дале конкретна терапија како да ја вратиме вистинската улога на новинарите во едно слобдно општество, да информираат точно и навремено, да бараат отчетност од одговорните и да отварат дебата за важни прашања од јавен интерес. Дотогаш ќе мора да продолжиме да зборуваме со цел да не умре идејата за слобода на говор и слободни и професионални медиуми“, рече Селмани.

Мирче Адамчевски од Советот за етика во медиумите во Македонија (СЕММ) на конференцијата напомена дека за месец-два ќе навршат две години од основањето на овој Совет. Смета дека Советот станува се повидлив за јавноста, а досега имаат добиено над 150 жалби, кои, вели тој, се повеќе стигнуваат од разни граѓани, за разлика на почетокот кога се јавувале политичари и новинари.

„Можат да се добијат и илјадници претставки, но тоа нема да значи дека етиката е подобрена. Мислам дека бројот на претставките е обратнопропорционален на квалитетот на известувањето. Сметам дека состојбата со етиката кај нас се влошува, такви се и вестите од регионот, а сведоци сме што се случува и во европски и светски рамки“, вели претседателот на Комисијата за жалби при СЕММ.

Повикувајќи се на досегашната работа на Комисијата, потенцира дека новинарите како да заборавиле на она што ги учат во првите денови од студиите по новинарство – информациите треба да се точни и проверени. Можеби во над 70 отсто од сите претставки е утврдено дека новинарите ја заборавиле таа лекција од факултет или од редакцијата. Второ, вели Адамчевски, приватниот интерес е на удар „без око да му трепне“ на новинарот за последиците од таквиот однос.

„Како да се заборава на говорот на омраза и дека е кривично дело, но и на дискриминирањето по различни основи. Исто така, новинарите повеќе сакаат да коментираат, отколку што сакаат да известуваат со факти. Фактот како да е избришана категорија од главите на новинарите. Нема негување на културата на говорот и не исчезнува непристојното комуницирање со јавноста. Се заборава и дека известувањето од избори треба да биде непристрасно и избалансирано. Советот за етика подготви една повелба за фер и избалансирано известување на изборите, која дојдоа и ја потпишаа 90-ина медиуми. Верувајте, вечерта мастилото уште неисушено, а медиумите како да заборавија што потпишаа“, забележува Адамчевски.

Прашањето што сега пред СЕММ се поставува е „сега што понатаму?“. Како да се подигне професионалноста и етиката во медиумите, како да направат да имаат помалку жалби, а повеќе етика? Одговорот на овие прашање, вели тој, не е едноставен, особено кога се работи за онлајн медиумите. Радиодифузерите до некаде се регулирани со закон, но ќе треба „да се пронајде нешто да се одговори на новите предизвици за етиката“.

„Сите гледаме што се прави онлајн сферата. Можеби 80, ако не и повеќе од претставките до Советот се поднесени против онлајн медиуми. Се измислуваат теми, вести, настани, па дури имаме и колективно објавување на еден ист текст. Без менување на точка и запирка. Има теми полни со лаги, без поткрепа на факти. Има текстови во се вели ‘дознаваме’, а не ‘знаеме’. А, секако највеќе треба да дознаваат, секако, но не само од еден извор – од некој Центар за односи со јавност. Имаме претставки од медиуми на кои не можеме ни да им најдеме ни адреси, ниту имаат импресуми, ниту редакции“, нагласува Адамчевски, додавајќи дека „кај нас сигурно има стотина онлајн медиуми, и тоа ако се земат само информативните“.

Адамчевски потсети дека Парламентарното Собрание на Советот на Европа побара да бидат утврдени правилата за обврските на онлајн и новинарите. Според она што допре до јавноста, а ќе следи во резолуцијата, парламентарното Собрание предложува земјите членки (на ЕУ) да иницираат дискусија за стандардите и механизмите за „спречување на ризикот од нарушување на информациите и манупулација на јавното мислење“.

Во документот се повикува Европската федерација на новинари да ги повика своите членови да се осигураат дека медиумските професионалци ги применуваат своите новинарски уредувачки принципи и на интернет, вклучувајќи ја сопствената содржина, рекламирањето и содржините од трети страни, како што се реакциите или коментарите. Парламентарното Собрание и препорачува на Европската асоцијација на интернет провајдери и услуги да ги повикаат своите членови кои одржуваат социјални мрежи, да развијат кодекси на однесување во однос на обврските за транспарентност и да ги поправат неточните содржини на нивните страници. Задачите веќе почнуваат да се делат.

„Затоа и медиумската заедница во државава мора да се подготви за нови времиња, затоа што никој друг нема да помогне, ако сами не си помогнеме. Гледаме дека работите одат во некаков вид регулација на интернетот. Можеби таа нема да биде драстична, но ќе има нешто. Најверојатно во делот на етиката тие целосно ќе потпаднат под саморегулација, а ќе има и некаква регистрација како што сега е со печатените медиуми. Сите оние што се занимаваат со медиуми ќе мора да бидат подготвени се’ да заврши на најблагопријатен начин за медиумите, а не да бидеме доведени во состојба на диктат од државата. Ова ќе биде предизвик и за саморегулаторното тело. И ние ќе мора да се прилагодиме на обидите, а најмалку што мораме да направиме е да го усогласиме постојниот Кодекс (на новинарите на Македонија н.з.) кој е донесен 2001 година со новите времиња и барања“, констатираше Адамчевски.

Бојан Шашевски