Прекршување на правата на децата при бракоразводни постапки, семејното насилство и питачењето, односно искористувањето на детскиот труд се најчести форми на прекршување на детските права пријавени на СОС телефонот за деца и млади минатата година, изјави на денешната прес-конференција директорот на Првата детска амбасада во светот Меѓаши, Драги Змијанац.
Според Змијанац, на СОС телефонот во перидот јануари-декември 2016 година се регистрирани 82 контакти за вкупно 111 деца жртви или потенцијални жртви каде постои сомневање за можно кршење на детските права и за кои е потребна одредена помош.
„Најкарактеристични се податоците за 33 деца кои биле потенцијални жртви на прекршување на правото при бракоразводна постапка. Имаме 21 пријава за деца кои се пожалиле дека се потенцијални жртви на семејно насилство. Во дадениот период имаме 11 дојави за деца кои питачаи и се жртви на експлоатација на нивниот труд“, рече Змијанац.
Посочи дека на кршењето на правото на децата при бракоразводна постапка се повторува неколку години наназад и затоа тие ја поддржале иницијативата на неколку родители за одговорно и заедничко родителство по развод, сметајќи дека е многу важно да се даде приоритет и фокус на детето при бракоразводните постапки.
Координаторот на СОС детскиот телефон Ангела Маневска рече дека од вкупно 82 јавувачи, само 5 се деца, а останатите 77 се возрасни лица од кои 3 анонимни и 4 правни лица.
Според возраста на децата чии права се прекршени 46 се на возраст од 6 до 16 години.