Сектор за компјутерски криминал: До нас нема пријава, но се проверува инцидентот со податоците на студентите

Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика при МВР, во врска со објавувањето на датабазата со лични податоци на повеќе студенти од државни и приватни факултети како што се индекси, адреси на живеење, град, телефонски борј, мејлови итн, известува дека до нивниот сектор не е доставено пријава и поради тоа не се уште не се води некакава постапка.

„Но, мораме да Ве потсетиме дека поради службена должност од нашиот сектор се прави првичните чекори односно собирање на податоци за вистинитоста на инцидентот како и другите околности кој потоа ќе биде презентиран до надлежното Јавно Обвинителство“, стои во одговорот на Сектор за компјутерски криминал и дигитална форензика, кој доаѓа по речиси две недели откако Радио МОФ прв почна да пишува за случајот за „протекот“ на лични податоци на скоро 5.000 студенти.

Инаку, директорот на Дирекцијата за заштита на лични податоци (ДЗЛП), Горан Трајковски, пред неколку денови нагласи дека вонредниот инспекциски надзор на Машинскиот факултет е во завршна фаза. Истовремено, нагласи дека останува да ги известат сите засегнати студенти со нивните наоди за да може „да бараат одредени права во граѓански постапки пред судовите“.

Центрите за развој и кариера при Машинскиот факултет, пак, потенцираа дека протечените податоци се на корисници од нивниот систем. Тој бил отворен за регистрација за секој граѓанин, со цел луѓето полесно да пристапат до услугите на центрите како обуки за започнување бизнис и подготовка за процесот на барање работа, учество во натпревар за најдобар бизнис план, пребарување огласи за отворени работни места, како и известувања за настаните на двата центра. Од службата рекоа дека системот е поставен на посебен сервер, токму поради заштита на останатите податоци во него, но дека по „протекот“ на информациите, тој бил исклучен.

„Би сакале да нагласиме дека системот на БСЦ и Центарот за кариера не добива податоци од други институции, ниту пак податоците за своите корисници ги предава на други институции“, рекоа од центрите за Радио МОФ.

Центрите за развој и кариера при Машинскиот: Протечените податоци се на корисници на нашиот систем

Бојан Шашевски