Македонија во петте најлоши земји за работа на ЛГБТ-лица

Македонија е во топ 5 најлоши земји за работа на ЛГБТ-лицата, заедно со Ерменија, Азербејџан, Турција и Русија, покажа истражувањето кое „Експерт маркет“ го спроведе во 43 земји во Европа, информираат од невладината организација Субверзивен фронт.

Рангирањето на земјите е направено врз база на повеќе законски прописи и општествени фактори кои директно влијаат на ЛГБТ популацијата, како што се законите против дискриминација, законите за работни односи, мерките за заштита на домувањето на ЛГБТ лицата, индексот на толеранција, како и неколку економски индикатори, како на пример стапката на невработеност и висината на просечната плата.

Според извештајот, Македонија е на претпоследното место, пред Ерменија, а пред неа се Азербејџан, Турција, Русија.

Најдобри земји за работа на ЛГБТ лицата се Норвешка, Финска, Белгија, Германија и Шведска.

Малта, која е позната како „ЛГБТ рај“ се најде на седмото место, поради немањето заштита против дискриминација на ЛГБТ лицата при домување, како и поради ниската просечна месечна плата.