„Поезија и драма“, концерт во чест на Саша Николовски-Ѓумар

Македонската филхармонија на 2 февруари во Домот на АРМ во 20 часот ќе одржи симфониски концерт под наслов „Поезија и драма“, кој ќе биде посветен на прерано починатиот, еден од најистакнатите македонски музички уметници, диригентот маестро Саша Николовски-Ѓумар.

„Концертот „Поезија и драма“ ќе донесе комплексна музика и врвна изведба. Под диригентската палка на маестро Емил Табаков од Бугарија, оркестарот ќе ги изведе Увертирата од операта „Танхојзер“ и Прелудиум и смрт од „Тристан и Изолда“ од генијалниот германски композитор Рихард Вагнер“, стои во најавата.

Солист на концертот ќе биде еден од најистакнатите млади македонски пијанисти, Дино Имери, кој ќе ги изведе познатите Фантазија на унгарски фолклорни теми и Танц на смртта, од унгарскиот врвен пијанист и композитор Франц Лист.